Прес- конференција, Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да работат на штета на граѓаните и на државата.
Наместо конструктивност, дебата и идеи, се што јавноста гледа со месеци од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се блокади, деструкции и злоупотреба на собраниската говорница за да шират лажни вести.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ свесно и намерно блокираат важни законски решенија. ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието е против нов Клинички центар, против нов еколошки јавен превоз во Скопје, против зголемена енергетска ефикасност на јавни објекти, болници, училишта и градинки, против поддршка за земјоделците.
Додека како власт ВМРО-ДПМНЕ се задолжуваше за парите да се трошат на барок, на палми, споменици и стиропор, денес оваа партија како опозиција се противи да им се помогне на илјадници работници во погодените сектори да земат плата.
За ВМРО-ДПМНЕ не беше проблем да се потрошат милиони евра народни пари за мермер што не е мермер, за договорени тендери, но денеска им е проблем што парите завршуваат кај граѓаните, што се користат за инвестиции во екологијата, во образованието, во здравството.
Ваквото однесување на една политичка партија ниту е чесно, ниту е одговорно, но сигурно е на штета на граѓаните и државата.
Дали мотивите за ваквиот однос е тоа што одредени пратеници не се задоволни од раководството на ВМРО-ДПМНЕ е нивна работа, но граѓаните ги препознаваат и ценат таквите деструктивни постапки.
Затоа им следува нов пораз веќе на локалните избори, тоа најверојатно го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ и затоа уште сега плачат и бараат алиби за новиот дебакл кој ќе им го испорачаат граѓаните на есен.
Време е пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и да почнат да работат за граѓаните.
Ние, како парламентарното мнозинство и без нив ќе бараме и најдеме начин сите предвидени мерки и политики во интерес на граѓаните да бидат реализирани.