Прес-конференција на СДСМ, Миле Талевски , пратеник на СДСМ
Почитувани,
Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев покажуваат јасно изразена политичка волја за спречување и искоренување на корупцијата во македонското општество.
Дека тоа не се само декларативни заложби, туку се конкретни дејствија, покажува и последниот Извештај на ГРЕКО за Република Северна Македонија за препораките од петтиот круг на евалуација каде е нотиран напредок во делот за препораките за борба против корупција.
ГРЕКО како целосно реализирана ја оценува препораката за објавување на имињата и висината на хонорарите на советниците на Владата и министрите, како и фактот дека за сите постојни и идни советници се применува тестот за интегритет.
Позитивно е оценето и носењето на новиот Кодекс за етичко однесување, а особено е потенцирано, дека се постапува согласно одредбите од Кодексот, односно дека веќе има случаи на разрешени функционери.
ГРЕКО потенцира дека Владата предводена од СДСМ обезбедила значајни финансиски, материјални и човечки ресурси за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во однос на МВР Извештајот на ГРЕКО оценува дека успешно се исполнети препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување на посебни лица за интегритет во рамки на МВР, континуирани обуки на сите полициски службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси.
Како позитивна е нотирана и измената на Етичкиот кодекс на полициските службеници, со што се регулираат прашањата за конфликт на интереси, случаи на корупција и примање дарови од страна на полициските службеници.
Исполнувањето на значаен дел од препораките на ГРЕКО претставува уште еден чекор напред во континуираниот процес на ветинг на полициските службеници, односно, да изградиме декриминализирана и департизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните како нејзин партнер и заштитник.
Досега, имплементирани се 13 од вкупно 23 забелешки на ГРЕКО, а останатите ќе бидат имплементирани најдоцна до септември идната година.
Почитувани,
Овој извештај е признание за напорите на Владата, на институциите во борбата против корупцијата, но истовремено е и дополнителен мотив, таа да продолжи уште повеќе бескомпромисно на сите нивоа.
Како партија предводник на реформите продолжуваме со креирање и реализација на мерки и политики што гарантираат ефикасна и бескомпромисна борба против секој вид на корупција и незаконско дејствување. Тоа е приоритет од кој нема да отстапиме.