Одговори на новинарски прашања, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
Медиуми: Мицкоски ве обвини дека наликувате на копија на премиерот Зоран Заев со вашите ставови, имате ли коментар на ваквите обвинувања од старана на лидерот на опозицијата?
Безобразно е човек којшто за самиот себе тврди, и треба да е лидер на опозиција да ме обвинува за копија на Зоран Заев кога јавноста добро знае дека Христијан Мицкоски работи исклучиво по насоки од Будимпешта. Неговиот вистински шеф се вика Никола Груевски, неговите очи, уши и уста во Република Северна Македонија се викаат Христијан Мицкоски. Имавме убава можност на лидерската средба, Христијан Мицкоски да разговара за суштински прашања коишто се важни за граѓаните и за државата, знаете дека станува збор за Законот за јавното обвинителство затоа што навистина имаме намера бескомпромисно да се бориме против криминалот, убава можност е сите пратеници во Собранието на Република Северна Македонија коишто гласаат согласно нивното сопствено убедување да се издигнат над партиските интереси и да го изгласаме со консензус Законот за јавното обвинителство. Не помалку важен е и Изборниот законик, којшто знаеме дека е наше изборно ветување и дека мораме изборниот модел да го промениме се со цел да имаме поуспешни и пофер и демократски избори. Ги знаете нашите заложби, јас колку што знам во тимовите коишто разговараат помеѓу легистлативата имаме позитивен напредок во однос на Избирачкиот законик, треба да се отвори прашањето за преференцијалните листи, треба да го отвориме прашањето и за изборниот модел во државата во однос на изборните единици. Имајќи предвид дека разговорите се водат заедно со ОДИХР затоа што ние немаме никакви скриени намери и ги прифаќаме сите насоки којшто се согласно ОДИХР, јас се надевам ВМРО-ДПМНЕ конечно после долго време ќе се издигне и ќе се огради од заштита на криминалот на Никола Груевски и конечно, еднаш за секогаш, ќе биде вистинска опозиција каква што треба да биде, вистински коректив и ќе направиме нешто заедно во интерес на државата и граѓаните.
Медиуми: Останува ли СДСМ на ставот една изборна единица, и дали можеме да имаме отворени листи?
Кога зборуваме за отворени листи, секако дека стоиме на она што значи наша програмска определба за една изборна единица. Знаете дека во Собрание се одлучува за ова прашање со консензус, јас сум убеден дека сите ќе го имаме во предвид и она што значи наше изборно ветување, но и она што значи интерес на граѓаните. Убеден сум дека кога зборуваме за отворени листи дека станува збор и за преференцијалните листи имајќи во предвид дека ако имаме отворени листи на една изборна единица може да замислиме како ќе биде со помалите општини, какви што се Радовиш, Пехчево, Берово, Делчево, ќе биде многу потешко да дојдат и да имаат свој претставник во Собранието на Република Северна Македонија, но со преференцијалните листи јас сум убеден дека може да ја постигнеме целта и она што значи наше изборно ветување.