Прес конференција на СДСМ, Кристина Костова – потпретседателка
Трошоците за живот вртоглаво растат, неспособноста на власта го загрозува стандард на граѓаните
Почитувани граѓани, почитувани медиуми,
Последните податоци на Државниот завод за статистика уште еднаш ја потврдуваат тешката економска реалност во која живеат нашите граѓаните.
Инфлацијата продолжува да расте, граѓаните имаат сè помалку пари во своите џебови.
Според податоците на Статистика, трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4% во споредба со истиот месец една година порано. Цените на основните производи пораснале за 4,3%. За илјадници семејства, тоа значи дека основните животни потреби стануваат недостапни. Месечната плата не е доволна ниту за најосновните трошоци.
Владата на ДПМНЕ не само што не реагира, туку активно придонесува за овој хаос и е директен соучесник во масовниот грабеж на граѓаните. Таканаречените „новогодишни кошнички“, кои требаше да донесат олеснување, завршија како фарса. Имено, цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени за 10%, биле зголемени за 397 денари.
Основните производи не само што не поевтинија, туку станаа луксуз за многу семејства. Зејтинот, јајцата, млечните производи, сѐ е поскапено, а во исто време нема раст на платите.
Само во изминатите неколку месеци, од џебовите на граѓаните се одлеани десетици милиони евра во интерес на големите трговски синџири.
Владата на ДПМНЕ покажа целосна неспособност да управува со економијата и со тоа ги остави работниците, граѓаните и семејствата незаштитени.
Платите стагнираат, трошоците растат, и граѓаните се соочуваат со избори кои не треба да ги прават – дали да купат храна или да платат сметки.
Во меѓувреме, профитираат бизнис партнерите на власта и големите трговски синџири. Ова е директен резултат на економските политики што се водат – политики кои не се за граѓаните, туку за интересите на малкумина.
Оваа ситуација е неодржлива. Потребни се итни и храбри чекори за да се врати контролата врз цените и да се заштити животниот стандард. Потребно е Владата веднаш да ги прифати мерките на СДСМ, кои се насочени кон вистинско решавање на кризата. Само преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, воведување контрола на цените и зголемување на минималната плата ќе се намалат финансиските маки на граѓаните. Минималната плата мора да се покачи на 500 евра. Сѐ помалку од тоа е понижувачки за граѓаните.
Почитувани, сегашната состојба е неприфатлива и неодржлива за граѓаните. Животот во Македонија не треба да биде борба за основна егзистенција. Време е за промени – реални, системски и веднаш применливи мерки кои ќе ги стават граѓаните, а не привилегираните, на прво место.
Граѓаните заслужуваат власт која вистински ќе се грижи за нивните потреби, а не за профитите на големите трговци и бизнис партнери.