Изјава за медиуми, Оливер Спасовски, пратеник и координатор на ПГ СДСМ
Спасовски: СДСМ ќе поднесе кривична пријава за кршење на Деловникот на Собранието и правата на пратениците
Парламентарното мнозинство предводено од ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН целосно го ставаат под контрола законодавниот дом и вршат атак врз демократијата во Собранието на Република Северна Македонија, нагласи пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција во Собранието.
Спасовски посочи дека на денешната Комисија за социјална политика, демографија и млади, на пратениците од опозицијата им било оневозможено да предложат измени и дополнувања на дневниот ред. Од страна на новиот претседавач на Комисијата, Имрлије Фетаи Салиу, поставена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, било образложено дека дневниот ред бил веќе утврден од претседателот Гаши. Спасовски нагласи дека според членот 131 од Деловникот, Дневниот ред на седницата на работното тело се утврдува на почетокот на седницата, а според ставот 2 во дневниот ред може да се внесат и прашања што ги предложиле пратениците, преседателот на Собрание и Владата.Тој потенцираше, дека на овој начин претседавачот на Комисијата, Фетаи Салиу, не го почитува и грубо го прекршува Деловникот на Собранието.
„Ова покажува дека парламентарното мнозинство предводено од ВЛЕН и ВМРО ДПМНЕ сакаат целосно да го стават под контрола законоданиот дом, при тоа правата на пратениците да ги загрозат да не се остави можноста на опозицијата воопшто да даде било каков предлог и секое едно одржување на седницата да биде само по прашања коишто сака да ги постави парламентарното мнозинство. Ова е невиден атак на демократијата, невиден атак на рушење на демократичноста и демократијата во зкаонодавниот дом, таму кадешто демократијата треба да биде најразвиена затоа што Собранието по правило е храм на демократијата“, рече Спасовски.
На прес конференцијата, Спасовски порача дека пратеничката група на СДСМ, ќе преземе конкретни чекори и ќе поднесе кривична пријава против претседавачот на Комисијата Имрлије Фетаи Салиу заради грубо кршење на деловникот и грубо кршење на правата на пратениците. Исто така, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе и иницијатива до Уставниот суд со којашто ќе бара да се утврди прекршувањето на правата на пратениците на кои што им беше оневозможено согласно Деловникот да постават или да предложат измена и дополнување на Дневниот ред. Инаку, ова е уште еден обид на власта да не го прифати барањето на СДСМ за расправа за Законот за бранители.