Прес конференција на СДСМ, Мартин Костовски – организациски секретар
СДСМ: Селектитвност не смее да има, да се истражат сите пропусти на МВР во Кочани
Почитувани граѓани,
Пред точно една недела, Македонија ја погоди најтешката трагедија во поновата историја. Изгубивме 59 млади животи. Во тие најтешки моменти, како партија одлучивме да молчиме и да не политизираме. Решивме да не додаваме сол на раната на семејствата на починатите. Тоа беше одговорно и човечки.
Оставивме седум дена органите на правосудството да покажат дека спроведуваат независна, темелна и пред сè неселективна истрага за овој стравотен настан. Од првиот ден СДСМ бара сите одговорни, поранешни и сегашни функционери, службеници и политичари, да одговараат согласно законот. СДСМ дава поддршка на независна, темелна и неселективна истрага и ги поддржуваме институциите во тоа. Ова гласно го бараат и граѓаните.
Но денес, седум дена подоцна, сме должни да ги поставиме вистинските прашања кои се наметнуваат за кои за жал, нема одговор од надлежните институции. СДСМ и понатаму нема да политизира и печали поени на овој настан. Но СДСМ е должен како опозиција да ги постави сите прашања на кои и обвинителството и МВР не даваат одговор. Од денес натаму, ќе поставуваме бројни прашања и ќе изнесуваме низа информации исклучиво засновани на факти и закони.
Почитувани граѓани,
Од досегашниот правец на истрагата и информациите кои се соопштени во јавноста, СДСМ стравува дека оваа истрага ќе биде селективна. Откако министерот Тошковски извести дека првата фаза од истрагата е завршена и се сомничат 32 лица, денес тој и обвинителот Коцевски мора да одговорат на следните легитимни прашања кои се наметнуваат.
Дали е точно дека:
Ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор?
Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа?
Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментално во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката?
Почитувани граѓани, законот е следен.
Законот за јавни собири јасно упатува на тоа за кои јавни собири е одговорна полицијата. Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направиле. Ако МВР постапеле согласно законот, ќе имало обезбедено на Противпожарна бригада, Брза помош, соодветен број полициски службеници и сите пропратни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира.
Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно.
Со ова се поставува прашањето, дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Почитувани граѓани,
Ова е последен повик до институциите: направете го она што ви е должност. Немојте да терате селективна правда. Токму тоа е она против кое се борат граѓаните.
СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти и кривични одговорности за лица за кои во моментов нема информации дека се дел од истражната постапка или се во притвор. Целта е една – правда и вистина.