Соопштение – Средба на претсеадтелот на СДСМ, Зоран Заев со Хојт Брајан Ји, заменик-помошник на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент задолжен за Европа и Евроазија.
На средбата се зборуваше за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за имплементацијата на договорот од Пржино и обезбедувањето услови за слободни, фер и демократски избори.
Претседателот Заев ги пренесе очекувањата дека Државната изборна комисија ќе ги зголеми напорите за навремено и квалитетно прочистување на избирачкиот список, согласно законските рокови, за да се обезбеди кредибилен список.
-Реформите во медиумите се еден од клучните услови, директно поврзан со предизборниот и изборниот процес, за граѓаните слободно да ја изразат својата волја, додаде Заев.
Заменик помошникот на државниот секретар, Хојт Брајан Ји, рече дека времето е кратко и дека е потребно брзо решение за реформи на медиумите.
Како што посочи Ји, за САД е клучно во Македонија да се завршат процесите за зајакнување на демократија и да се спроведат слободни, фер и демократски избори.
-САД, како и меѓународната заедница, одблиску ќе ги следат прочистувањето на избирачкиот список, реформите во медиумите, и целокупната атмосфера, за да се осигураат услови за слободно изјаснување на граѓаните на фер избори, рече Ји.
Заменик помошникот државен секретар, Брајан Ји, рече дека е многу важно да се поддржи работата на Специјалното јавно обвинителство и владеењето на правото.
Претседателот Заев рече дека СДСМ не ја коментира работата на Специјалното јавно обвинителство но ја поддржува.
-Очекуваме и од сите политички чинители во општеството, особено партиите потписнички на Договорот од Пржино, да ја поддржат работата на оваа независна институција, во интерес на граѓаните и враќањето на правдата во Република Македонија, додаде Заев.