Платите ниски, цените растат а Владата на Мицкоски не презема ништо

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај. Над 200.000 работници буквално преживуваат со плати кои не можат да ги покријат ниту основните животни потреби.

Наместо да преземе мерки, Владата на Христијан Мицкоски одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра. Наместо поддршка за работниците, Мицкоски јавно ги навредува сите што бараат достоинствени плати и ги нарекува „хистерични“.

Истовремено, на вработените во јавната администрација им порача дека платите им се добри „со оглед на тоа колку работат“, па дури и дека не им треба годишен одмор.

Следно е да им каже дека не треба да јадат.

Ова го зборува човек кој носи часовници вредни колку 150 минимални плати, за кои на еден работник му се потребни повеќе од 12 години работа за да ги заработи. Човек кој живее во луксуз им објаснува на работниците дека не им треба одмор и се хистерични кога бараат поголеми плати.

Во меѓувреме цените постојано растат, Владата одбива да преземе мерки и да ја намали цената на горивата.

Со поскапувањето на нафтата растат и цените на храната и основните производи. Во продавниците веќе има нови поскапувања, а зејтинот надмина 100 денари.

Со вакво темпо на поскапувања, платите секој ден губат од вредност и наскоро ниту 600 евра нема да бидат доволни.

Мицкоски зборува за „четврта економија во Европа“ и за „најевтино гориво“, додека платите во Македонија се најниски и во Европа и во регионот.

Економијата е силна колку што се силни платите на работниците. А денес, за жал, тие се понижени од Мицкоски и оставени сами со ниски плати а високи цени.