fbpx

Заев по средбата со Ахмети: Постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство и Влада со полн мандат која ќе ја предводам јас како нејзин премиер

Facebook
Twitter
LinkedIn

Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ, Зоран Заев

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Денеска заедно со претседателот на Демократската унија за интеграција, господинот Али Ахмети и со генералните секретари на СДСМ и ДУИ, Николовски и Груби, имавме успешна работна средба на која ја прецизиравме и потврдивме рамката за идна соработка во владината коалиција.

Меѓу СДСМ и Коалицијата “Можеме” и Демократската унија за интеграција, постигнат е коалициски договор за создавање парламентарно мнозинство, за распределба на одговорности, состав и принципите на нова Влада со полн мандат, која во следните четири години ќе работи посветено во интерес на граѓаните и државата. Се разбира, овој договор којшто го постигнавме ние како претседатели на двете партии, ќе биде презентиран и доставен на одобрување пред највисоките органи на СДСМ и ДУИ, односно Централниот одбор на СДСМ и Централниот совет на ДУИ, во текот на денешниот и утрешниот ден. СДСМ тоа ќе го направи и пред своите коалициони партнери од Коалицијата Можеме и пред ДПА како иден владин партнер.

Јас сум особено горд што овој договор го постигнуваме на самиот почеток на истекот на 20-те уставно гарантирани денови кои јас ги имам на располагање како мандатар. Брзиот напредок во преговорите и брзиот суштински договор ни беа особено важни заради потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата, а со цел справување со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19.

Дозволете во оваа прилика да ви претставам дел од принципите на кои се темели новиот коалициски договор за Влада која ќе ја предводам јас како нејзин премиер во полн, четиригодишен мандат:

· Квалитетни, одговорни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи од овој коалициски договор

· Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите, како и од силната волја за рамноправно учество на мажите и жените во извршната власт

· Во Владата нема да се предлагаат министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските места

· Врвна определба на коалициските партнери е да се јакне економскиот стандард на сите граѓани, платите да продолжат да растат, да се вложува во нови работни места, во јасни перспективи за младите и во рамномерниот регионален развој, да се води посебна грижа за најсиромашните граѓани и да се дава постојана поддршка на домашниот приватен сектор и да се продолжи со привлекување на странски инвестиции.

· Согласни сме на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа – без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат

· Согласни сме да се спроведе прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен и кој ќе ги земе предвид и најдобрите европски практики

· Постои согласност да се зголеми отчетноста и транспарентноста на институциите на сите нивоа на власт, но и да се намалат привилегиите на функционерите

· Постои коалициска согласност заштитата на животната средина, воздухот, почвите и водите да биде еден од врвните приоритети во владината програма и истата да се реализира преку мобилизација на сите државни институции, сите државни службеници, сите студенти и ученици, сите граѓани и сите заедници

· Се согласивме на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите

· Заеднички сметаме дека борбата со коронавирусот треба да остане врвен приоритет на јавното здравство преку темелен и транспарентен пристап на проценка и управување на здравствените капацитети и заштита на граѓаните

· Согласни сме приоритетно да ги спроведуваме сите реформи во однос на нашето членство во Европската Унија

· Ќе се укине Пржинска влада преку измени во Законот за Влада

· Ќе се работи на промена и унапредување на изборниот модел веќе за следните локални избори

· Ќе се работи на моделите за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функциите и надлежностите на институциите, а со цел граѓаните да добијат поквалитетни, подобри и побрзи услуги

· Во првите шест месеци, ќе се распоредат и ќе тргнат на работа сите вработени по Рамковен договор кои останаа нераспоредени во државните институции, а институциите ќе ги одобрат барањата на вработените за признавање на образованието согласно последните промени во Законот за вработени во јавната администрација и јавниот сектор, коишто парламентот во претходниот состав веќе ги донесе.

· Во Собранието, законите ќе се поднесуваат заеднички после претходна координација и усогласување, при што најмалку еднаш на две недели ќе биде утврден ден за гласање закони во Собранието, со цел побрзо спроведување на реформите во легислативата, но и рационализација во работењето на Парламентот и пратениците

Почитувани граѓани,

Овие принципи ќе ги преточиме во заедничка владина програма која во целост ќе го следи патот кој го исцртавме со членството во НАТО, а тоа е патот определен низ Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Тоа е европскиот пат, патот на економијата, правдата и еднаквоста.

Ви благодарам.

Сега ќе ви се обрати претседателот Ахмети на кого сакам да му се заблагодарам за големината, трпението и мудроста кои ги вложи во овој коалициски договор, со единствена цел – подобра иднина за сите наши граѓани, за целиот наш народ, континуитетот на успешните политики и успеси на државата, а секако, остануваме на ставот дека секој граѓанин, Македонец, Албанец или припадник на било која од помалку бројните етнички заедници, може да ја извршува која било функција во државата, вклучително и функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Последни вести