Соопштение за јавност
Состојбата со пандемијата со коронавирусот е сериозна, бројките кои континуирано растат се загрижувачки и ова е аларм за сите, без исклучок за доследно почитување на ковид протоколите и на превентирвните мерки – носење заштитна маска, држење дистанца и редовна дезинфекција и миење на рацете.
Соочени сме со нов бран на пандемијата, кој се случува насекаде во земјите во регионот, во Европа, значително се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, но ова е очекувана состојба и соодветно на тоа се подготвени капацитетите.
Владата предводена од СДСМ ги усвои препораките од Комисијата за заразни болести со цел поголема заштита на јавното здравје, на здравјето на секој еден граѓанин.
Мерките кои ќе стапат на сила по законските измени предвидуваат да се носи маска, марама или шал и на отворено, да нема групирање на повеќе од 4 лица на отворено после 22 часот и во домовите да биде дозволено присуство од четворица гости, покрај членовите на семејството.
Веќе им се зголемени ингеренциите на сите инспекторати, да можат на лице место да изречат забрана за вршење на дејност до 30 дена за правни лица, што не ги почитуваат ковид протоколите.
Живееме со вирусот, ова е нов начин на живот, мора да воспоставиме нови навики, мора да бидеме дисциплинирани и одговорни граѓани и да ги почитуваме мерките и протоколите.
Борбата против коронавирусот е заедничка, на сите граѓани и на сите институции, сите заедно мора да бидеме свесни и одговорни, за да ја добиеме оваа војна со невидливиот непријател.