Соопштение за јавност
Денеска во Струмица претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со сопругата Зорица и ќерката Александра го остварија своето гласачко право и обврска, после што следуваше изјава за медиумите која ја пренесуваме во целост.
„Денеска македонската демократија е пред уште една победа. Денеска сведочиме на фер, слободни и демократски избори впрочем како што и личи на една земја членка на НАТО и аспирант за членство во Европската Унија. Нашиот народ граѓаните знаат многу добро колку се важни овие локални избори затоа што се поврзани со секојдневието на граѓаните, доминантно општините, со нивниот живот, со нивните семејства, со нивните секојдневни потреби. Затоа верувам дека ќе ги изберат најдобрите советници и најдобрите градоначалници. Драго ми е што кампањата помина со доминантно присутност на позитивната атмосфера наместо негативната атмосфера. Драго ми е што имавме европска изборна кампања, верувам дека и денеска ќе имаме европски изборен ден каде ќе доминираат проектите, програмите наспроти лажните вести и измислиците. Во такви околности убеден сум дека со овие избори испраќаме уште еднаш порака во каков правец треба да се движи нашата држава и нашите општини затоа што граѓаните го очекуваат најдоброто за нив. Убеден сум дека токму на овие избори, пред се, фер, демократски и слободни, но и со изборот кој ќе го направат во текот на денешниот ден ќе ги потврдат вистинските политики со исклучителна важност за иднината на државата и на нашите општини“.