Во процедурално обраќање на собраниската комисија за прашањата на изборите и именувањата , пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата, Марија Георгиевска ги обвини пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека свесно прават театар од Комисијата, сакајќи да исценираат одредена негативна ситуација во Комисијата.
„Ако веќе сакате да зборувате маратонски, тогаш треба и соодветно да се подготвите за таков напор. Недозволиво е да правите сценарио, да правите конструкции и театар, да тврдите дека ви треба лекарски надзор заради обраќање на говорница. Никогаш досега не се случило некој на сред обраќање да побара пауза, за да може да ја напушти говорницата за после тоа пак да се врати и да продолжи со обраќањето. Тоа не се случило никогаш во македонското Собрание“ порача Георгиевска.
Обраќајќи им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Георгиевска порача дека тие немаат право да се повикуваат на Етичкиот кодекс на Собранието, затоа што неколку пати до сега кажале дека не го признаваат.
Вие го изгужвавте и го фрливте во ѓубре Етичкиот кодекс, тоа сте го направиле повеќе пати, вие истиот не го почитувате и не ве интересира Етичкиот кодекс. Кога сакате го употребувате, се повикувате а го фрливте во ѓубре и повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати тоа го кажале и во Комисиите и на пленарните седници“ порача Георгиевска.