Соопштение за јавност
Знаев и знам дека историја не се препишува, историја не се зема, јазик не се брише или укинува, традиција не се измислува, преиначува или корегира, истакна вечерва во Скопје, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Велев и велам, па зарем со документи, со изјави, со пресови или настапи на маргинални еднократни политиканти, мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови?
И јас знам дека нема да биде лесно на тој пат. Ќе има потешкотии на тој пат, болни реформи, тешки одлуки. Но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а големата награда е полноправно членство во ЕУ на нашата држава.Седнати на големата маса, заедно со сите земји членки на ЕУ, рамноправни во големото европско семејство.“ посочи Ковачевски.
Ковачевски истакна дека поради политиките на СДСМ денес имаме целосно заштитен македонски јазик и црква признанена од сите.
„Кој можеше да претпостави дека во една година ќе биде признаена Македонската православна црква, дека македонскиот јазик ќе е потврден во ЕУ со договорот за ФРОНТЕКС, прв документ каде имаме ставено наш потпис заедно со останатите 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви појаснувања, додавки и фусноти. Чист македонски јазик, во ЕУ.
Кој можеше да претпостави дека тој договор ќе биде потпишан од сите земји членки и истовремено одобрен и од Грција и од Бугарија. Кој можеше да препостави дека во Грција ќе се регистрира Центар за македонски јазик. Дека нашата медиумска информативна агенција ќе отвори своја канцеларија во Софија? Е тоа се придобивките од државничките одлуки.
Претседателот Ковачевски на граѓаните им порача да бидат спокојни, дека веќе никој не смее да го оспорува македонскиот јазик и идентитет.
„И затоа сега, пред Вас, како што тоа го правев и со германскиот канцелар Шолц, со францускиот претседател Макрон, со претседателката Фон дер Лејен, со сите мои европски и евро-атлантски колеги, ќе повторам! Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни! Тие се нашиот темел на европската куќа, но и темел во европската куќа. Како дел од историјата и традицијата на Европа.
Бидете сигурни, бидете спокојни и бидете горди! Македонското име, македонскиот јазик е конечно обезбеден и никој повеќе, ама баш никој, нема и не смее да го оспорува“ порача Ковачевски.