Во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски посочи дека опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не сака да работи, да решава проблеми, туку дека знае само да бара предвремени парламентарни избори.
„Да се вратиме наназад во декември и во јануари кога истата таа опозиција велеше дека сега ние требаше да бидеме во предизборна кампања. Велеа дека тие имале 61 пратеник во јануари до средината на февруари со кои што оваа Влада нема да ја има и ќе имало избори во мај кога ќе завршела енергетската криза. Тие не сакаат да има кога има енергетска криза, тие не се за работа, тие се за давање изјави и шетање по Македонија со блузони на патенти, бели капути, трубачи. Тие за тоа се. Е сега, откако тоа го нема, откако сфатија дека владиното мнозинство е зголемено на 65 пратеници, и откако видоа дека започна најголем инвестициски проект од 1,3 милијарди евра, сега почнаа веднаш со нивните изјави кои се веќе видени“ истакна Ковачевски.
Претседателот Ковачевски посочи дека нема никакво руско влијание во проектот за изградба на автопати на Коридорот 8 и Коридорот 10 д, туку дека како и во целиот свет на корпоративното работење постои соработка помеѓу корпорации кои што се од различни држави и кои работат на различни проекти.