Соопштение за јавност
„Во однос на енергетските компании, меѓутоа и на другите државни компании една од грижите коишто ја имаат граѓаните, коешто и мене ме загрижува, е работењето на овие државни компании, нивото на нивната ниска транспарентност и ниска ефикасност. Затоа сметаме дека граѓаните треба да бидат дел од управувањето со овие компании и тоа по јасни берзански правила. И затоа предвидуваме 49% од компаниите, прво ќе започне со ЕСМ, да бидат доделени на сите полнолетни граѓани на Република Северна Македонија. 1,3 милиони граѓани најмалку ќе добијат акции во ЕСМ и подоцна во другите државни компании“, истакна Ковачевски во денешното интервју на ТВ Сител, во Тема на денот.
„Со поделбата на акции на сите полнолетни граѓани во државата коишто подоцна ќе котираат на берза, граѓаните ќе имаат можност да учествуваат во управувањето на компаниите. Со тоа ќе се зголеми прво транспрентноста, второ ќе се зголеми ефикасноста, трето граѓаните ќе добијат капитал, четврто граѓаните ќе добијат пасивен приход во форма на дивиденда“, рече Ковачевски.
„На крајот на денот граѓаните ќе одлучуваат за тоа каква ќе биде иднината на тие компании, со оглед на тоа дека имаше во минатото голем број на шпекулации дека тие компании се продавале на странци итн., сега граѓаните единствено ќе бидат тие. А никој не може да манипулира 1,3 милиони граѓани во однос на иднината на тие компании. Голем број на граѓани немаа можност во текот на изминатите 30 години да учествуваат во државниот капитал и со ова сега даваме можност сите граѓани во државата да можат да учествуваат во она што е од нивни најголем интерес“, рече Ковачевски во денешното интервју на ТВ Сител, во Тема на денот.