Соопштение за јавност
Претседателот на градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галтеновски, упати сериозни критики до градската власт поради хаосот во јавниот превоз во Скопје. Тој предупреди дека граѓаните се оставени на милост и немилост на лошото управување со ЈСП. „Граѓаните на Скопје мрзнат! Утрово се жалат дека повеќе од 40 минути чекале на автобусите со број 5 и 15. Ова е недозволиво,“ изјави Галтеновски. Тој посочи дека и покрај вчерашните уверувања од Град Скопје дека ЈСП ќе вози со полн капацитет, ситуацијата денеска била уште полоша. „ЈСП сè уште е без нафта.
Претпријатието кое има проблем со автобуси и долгови, сè уште не обезбедило основни ресурси за нормално функционирање,“ додаде Галтеновски, пренесувајќи ја загриженоста на синдикатот на ЈСП, кој оваа состојба ја нарече „голем срам за градот“. Според Галтеновски, ваквото управување не е само прашање на некомпетентност, туку и на целосна негрижа за потребите на скопјани. „Срам за Град Скопје и за оние што го водат!
Градот не е приватна фирма за експериментирање. Ако градоначалничката и Советот не можат да ја завршат својата работа, време е да си заминат,“ истакна тој.
Претседателот на градската организација на СДСМ повика на итни мерки за решавање на проблемите во јавниот превоз. „Потребно е итно решение за јавниот превоз на скопјани. Град Скопје заслужува подобро од ова,“ потенцира Галтеновски.
СДСМ апелира до градските власти да преземат одговорност и веднаш да ги обезбедат потребните ресурси за нормално функционирање на јавниот превоз, бидејќи трпението на граѓаните е на граница.