Соопштение за јавност
Сашко Митовски: Време е за нов чекор напред, покажавме дека можеме многу!
Од Крива Паланка започнува враќањето на довербата. Тука почнува обединувањето што ќе ја врати правдата, развојот и чесната политика. На отворањето на караванот „Мугри на слободата“, градоначалникот Сашко Митовски испрати силна порака: „Крива Паланка не е само град – ова е наш дом, наша чест, наш завет. Овде сме покажале дека со план, со срце и со труд – можеме многу. Затоа велам: време е за нова победа, но само ако сме сплотени!“ – истакна градоначалникот на Крива Паланка и претседател на општинската организација на СДСМ.
Митовски истакна дека СДСМ отсекогаш бил носител на одговорност и државотворност, партија што не се плашела да ги носи и најтешките одлуки кога тоа било потребно за државата. Денес, вели тој, наспроти неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ која за само една година ја закочи државата, СДСМ е потребен повеќе од кога било.
„Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина. Во изминатите 3,5 години, во градот се реконструирани над 50 улици, изградени се нови водоводи и канализации, како и 12 нови детски катчиња, со план за уште 5. Уредени се јавни површини, мостови, пешачки патеки, речни корита, а целосно е променет ликот на градскиот кеј. Крива Паланка денес има нов Генерален урбанистички план по речиси 40 години, и првпат функционален модел за долгорочен развој“ – рече Митовски.
Со 100% реализација на општинскиот буџет, креиран во консултација со граѓаните, секој денар е вложен таму каде што е најпотребно. Вложено е во градинки, училишта, спортска инфраструктура, како и во социјална заштита – од директна поддршка за семејства во социјален ризик, до воведување на ваучери за лица со попреченост. Отворен е и прв дневен центар за стари лица, а општината финансира и бесплатни летувања за деца од социјално загрозени семејства.
Митовски најави и реализација на низа капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.
Посебен акцент Митовски стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. „Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука“, рече Митовски.
Градоначалникот посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети:
„Крива Паланка нема право на нова грешка. Сега не е време за експерименти. Сега е време за заштита на сè што сме изградиле и за силен нов чекор напред. Да го направиме вистинскиот избор – избор за труд, за иднина, за достоинство. Да не чекаме – туку уште вечерва, сплотени и обединети, да се вградиме во процесот што ќе значи убедлива победа. Победа што нема да биде ничија лична – туку победа на секој еден граѓанин што верува во правда, во работа и во иднина!“ – заврши Митовски.