Соопштение за јавност
Филипче: Младите живеат во држава каде што партиската книшка вреди повеќе од факултетска диплома
На трибина организирана од СДММ, претседателот на СДСМ, Венко Филипче испрати јасни и силни пораки до младите, критикувајќи ја актуелната власт дека не создава опции за младите и нивната иднина во државата.
„Живееме, особено вие младите, во држава со целосно неодговорна власт – без опции, без можности, без индикатори за светла иднина. Актулените функционери на ВМРО-ДПМНЕ одат по телевизии и зборуваат дека без партиска книшка нема работа. Без срам“ истакна Филипче.
Тој се осврна и на енормниот долг кој го создава Владата за идните генерации и иселувањето како клучен проблем.
„Страшно ми е што вие, па дури и вашите неродени деца, ќе враќаат седум милијарди евра – земени на сомнителен начин. Дури „50% од младите лекари и студенти заминуваат поради ниски плати – но исто толку бегаат од нефункционален систем. Луѓето сакаат средена држава, чиста околина, напредок преку заслуги, а не преку партиски врски,“ кажа Филипче.
Филипче ја посочи и важноста од социјална поврзаност и комуникација меѓу младите:
„Охрабрувам да се поврзувате меѓусебно, да разговарате за сите теми. Кога нешто не се кажува, се создава страв – а стравот ги носи луѓето во авторитаризам. Ние сме социјалдемократи. Веруваме во демократија, еднаквост и социјална правда. Тие вредности ги пренесуваме преку директен контакт со луѓето,“ истакна Филипче.
За крај, испрати мотивирачка порака:
„Ќе има и падови и успони, но брзо ќе се исправиме – бидејќи веруваме во исправноста на нашите политики, особено за младите,“ рече Филипче.