СДСМ: Мицкоски не може да го покрие падот на странските инвестиции за 261 милиони евра во 2025 година!
Инвестицијата од 30 милиони евра што денес ја најавува премиерот Христијан Мицкоски не може ниту малку да го покрие падот на странските директни инвестиции во првиот квартал од 2025 година.
Според податоците на Народната банка, во однос на последниот квартал од 2024 година, странските директни инвестиции се намалени за 261,7 милиони евра – од 397,5 на 135,8 милиони евра. Во споредба со истиот квартал лани, падот е 191,4 милиони евра.
Инвестицијата со која се пофали Мицкоски не го покрива падот на странските инвестиции затоа што државата губи стотици милиони евра.
Ова е најниско ниво на СДИ од 2020 година, кога светот беше под блокада од пандемијата. Денес нема глобална криза – има домашна економска парализа поради неспособноста на власта.
Она што е уште поважно е што премиерот молчи за овој пад. Зошто не кажа дека инвестициите се преполовени? Зошто не ги спомена официјалните податоци од Народната банка? Единствениот одговор е – затоа што тие не се вклопуваат во наративот за наводни „рекордни успеси“.
Причините за падот не се надворешни – тие се домашни: непособност на власта, недостиг на предвидливост, замрзната европска агенда, политички популизам и нефункционална дипломатија.
Затоа сите економски бројките се поразителни. Рекордот од 1,255 милијарди евра СДИ во 2024 година не е резултат на оваа Влада, туку резултат на политиките на СДСМ. 2025 ја покажува реалната слика – пад на инвестициите, економски застој и неизвесност.