Соопштение за јавност
Каја Шукова, кандидатка за Градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, укажа на итната потреба од расчистување и обезбедување на просторот на Вардариште, со цел да се спречи понатамошно диво депонирање и палење отпад.
„Имало неколку обиди за расчистување на Вардариште, но без траен ефект. Просторот е необезбеден и неограден, без континуиран надзор, што овозможува граѓани и фирми да депонираат шут и комунален отпад. Прво мора да се расчисти теренот, да се огради и да се воведе 24/7 надзор. Само така ќе спречиме нови пожари и загадување,“ изјави Шукова.
Според кандидатката, дел од Вардариште сè уште функционира како претоварна станица, но остатокот од просторот е сериозно запуштен и претставува еколошка и безбедносна закана. Палењето на отпадот предизвикува сериозно загадување, особено во општините Аеродром и Гази Баба, но и пошироко, бидејќи, како што рече Шукова, „воздухот не познава граници“.
Шукова повика на координирана акција со механизација и соодветна опрема како багери и друга тешка машинерија, со цел Вардариште конечно да добие третман каков што заслужува.
Таа во своето гостување на ТВ21 ја појасни институционалната поставеност на Вардариште и потенцираше дека оваа локација не е државна надлежност, туку е целосно во рацете на локалната самоуправа.
„Вардариште до 1996–1997 година беше депонија за градот Скопје. Откако беше изградена Дрисла, Вардариште стана претоварна станица. Овој простор е во надлежност на Градот Скопје и не е под одговорност на државата. Локалната власт мора да покаже сериозна одговорност и капацитет во управувањето со овој објект,“ изјави Шукова.
Иако државата, преку стратешките документи за управување со отпад, го вклучува Скопскиот регион во поширокиот систем на регионално управување, конкретната надлежност врз Вардариште останува кај градската власт. Шукова ја нагласи потребата од професионално и стратешко управување на оваа локација, која има суштинска улога во целиот синџир на третман на отпад во Скопје.