Соопштение за јавност
Филипче: Назадувањето не е само на хартија, граѓаните и бизнисот тоа го чувствуваат
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседавач со Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, на денешната седница на Советот, укажа дека констатираното назадување на државата посочено во извештајот на Европската Комисија, не е само формален запис на хартија, туку реалност што секојдневно ја чувствуваат и граѓаните и стопанството.
„Граѓаните очекуваат напредок, очекуваат вистински, видливи резултати кои што можат да ги почувствуваат, а не само изговори, теории на заговор или ароганција. За жал во многу области во кои што порано бележевме успеси, сега тоа се дефинира или како ограничен напредок, или нема напредок, или дури на надување. Но, тоа не е нешто што само стои на хартија, тоа е нешто што граѓаните, посебно бизнис секторот го чувствуваат, секој ден се повеќе и повеќе“, рече Филипче.
Тој додаде дека ако минатата година услов за почеток на преговорите бил само еден- билатералниот спор, сега ситуацијата е сериозно променета.
„И ако до минатата година имаше само еден услов за почеток на преговорите, а тоа е решавање на билатералниот спор со еден од соседите, после еден ваков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови да се отпочнат преговорите“, рече Филипче.
На седницата, Филипче нагласи дека додека Македонија уназадува во евроинтеграцискиот процес и се повеќе губи време се поставува прашањето дали ако и следната година добиеме ист ваков извештај, ЕУ нема да не врати повторно на ниво на скрининг на државата.
„Веќе помина година и половина од оваа влада и нема веќе кој да е крив за овој извештај кој што опфаќа една година од целосно нивно владеење.Се гледа дека оваа влада нема политичка волја да ги направи реформите, жалам што денеска слушам, дека денеска и овој период не бил време за реформи. Јасно кажува овој извештај, дека реформи нема, го губиме времето, го завршивме скринингот во 2023 година и ако и следната година за 2026 година добиеме ист таков извештај, се поставува прашањето дали Европската Унија нема да не врати повторно на ниво на скрининг на државата“, рече Филипче.




