Филипче: ВМРО-ДПМНЕ не сакаат во ЕУ, не сакаат правда, затоа што сакаат да крадат пари

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ не сакаат во ЕУ, не сакаат правда, затоа што сакаат да крадат пари

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто во емисијата „Директно“ на Телма оцени дека ВМРО-ДПМНЕ и нивната влада свесно го блокираат европскиот пат, реформите и функционирањето на правната држава, затоа што, како што кажа, не сакаат систем, туку свое судство и обвинители за да можат да крадат пари.

„ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција на ЗНАМ и ВЛЕН не сакаат да работат на реформите тоа поради тоа што не сакаат систем, сакаат свое судство свои судии обвинители, тие не сакаат европско обвинителство затоа што не сакаат правда, зошто сакаат да крадат пари. Тоа сакаат, и тоа граѓаните треба да знаат затоа што на Лаура Ковеши, европската обвинителка, не можат да ѝ прават притисок. Не може ниедна влада и нигде во регионот некој да ѝ прави притисок, ама на нашите обвинители можат“, истакна Филипче.

Тој потенцираше дека државата е целосно блокирана во клучните реформски процеси кои се предуслов за отворање на поглавјата со Европската Унија.

„Три главни патокази, за владеење на правото, за малцинствата и за јавната администрација не се ни започнати. Тие едноставно не работат на реформите“, рече Филипче.

Според него, и да се случат уставните измени утре, државата нема капацитет да ги започне преговорите, бидејќи реформските закони кои ги бара ЕУ не се донесени.

„Нема ниту еден од 12-те клучни закони, ниту за судските предмети, ниту за платите на судиите, ниту за функционирањето на АКМИС системот. Тоа се обврски на владата и тие не ги исполнуваат“, посочи претседателот на СДСМ.

Филипче потсети дека Македонија го доби еден од најлошите извештаи од Европската комисија по оној од 2015 година, кога земјата беше означена како заробена држава.

„Очигледно е дека евроинтегративниот процес стои во место, а владата ја држи земјата изолирана додека целиот регион оди напред“, нагласи Филипче.

Во однос на отворените прашања за европскиот пат, тој истакна дека власта цело време ги манипулира граѓаните.

„Еве, поминаа изборите, а ние не знаеме што се случува со нивните наводни подобрувања на преговарачката позиција. Сега е јасно дека тоа биле лаги“, заклучи Филипче.