Соопштение за јавност
За скандалот со ИПРАД, СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Ковеши да ја посети Македонија
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со малверзациите што ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата.
Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон.
Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO).
Ова не е темен вилает на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за да си играат со судбината на Македонија и да ги крадат граѓаните.
Главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).
EPPO е независно тело на Европската Унија, основано во 2017 година и оперативно од 2021 година, со главна задача да истражува, гони и води постапки за измами, корупција и други кривични дела кои ги загрозуваат финансиските интереси на Европската Унија, вклучително и фондовите како ИПАРД, што се дел од претпристапните ИПА-фондови наменети за земјите-кандидати.
Како дел од ИПА-фондовите, ИПАРД е под надлежност на EPPO во случаи на измама, перење пари или корупција.
Ковеши е позната по својата бескомпромисна борба против корупцијата од нејзината претходна работа во Романија, каде што го водеше Националниот директорат за антикорупција.
Работата се уште не е завршена!
Антикорупциски тим, СДСМ


