Соопштение за јавност
Денес сме сведоци како Иван Стоилковиќ, првиот човек на Мицковски, вицепремиер на Владата и министер, се обидува да се претстави како светски дипломат, а всушност води некаква врста на Мики Маус дипломатија.
Како малиот Перица од цртаниот филм, Стоилковиќ покажува колку нема поим за вистинската политика.
Ако ова е неговиот начин да „се бори за интересите на македонскиот народ“, тогаш подобро да се врати во градинка, таму барем никој нема да страда од неговите „дипломатски успеси“.
Ајде да ја разјасниме оваа негова последна фарса: Стоилковиќ се фали како на Денот на Република Српска во Бања Лука бил во друштво на „близок соработник“ на Доналд Трамп, Род Благојевиќ.
Е па, драг Перице, еве лекција од основите на политиката што очигледно не си ја научил: Род Благојевиќ е демократ, Трамп е републиканец, за твоја информација, тие се од спротивни табори!
Не е Благојевиќ никаков „близок соработник“ на Трамп, туку го запознал во ријалити шоуто „The Celebrity Apprentice“ во далечната 2010 година, каде што Благојевиќ бил обичен натпреварувач.
Тоа е забавна емисија, каде што Трамп бил водител и сопственик, а Благојевиќ отпаднал во шестата епизода затоа што бил лош лидер на тимот. Дури и Трамп рекол дека неговите факти не биле точни!
Замислете: „близок соработник“ од ријалити шоу, каде што луѓето се натпреваруваат за пари и слава.
Тоа е нивото на „дипломатијата“ на Стоилковиќ.
Благојевиќ е обвинет за корупција, уапсен во 2008 година од ФБИ, осуден во 2011 година на 14 години затвор, поминал скоро 8 години во федерален затвор.
Тоа е вашиот „елитен“ контакт, Иване?
Но, тука не е крајот.
Стоилковиќ бил и во друштво на Никола Селаковиќ, српски министер против кого се води судска постапка поради фалсификување документација за зградата на Генералштабот во Белград.
Селаковиќ и неговите соработници се обвинети за фалсификување документи и злоупотреба на положбата. Судењето започнува на 4 февруари 2026 година, баш погодно друштво за нашиот „патриот“!
А знаете ли што е уште интересно?
Поради тој ист скандал, Џаред Кушнер (зетот на Трамп) се откажа од градењето на Трамп хотелот во Белград во декември 2025 година.
Компанијата на Кушнер се повлече по обвиненијата за корупција, велејќи дека „проектите треба да обединуваат, а не да делат“.
Значи, Стоилковиќ се фали со своите „врски“, а токму поради луѓе како Селаковиќ, семејството на Трамп бега од такви бизниси.
И на крајот, ајде да видиме кои се уште „блиски соработници на претседателот Трамп“ во „елитното“ друштво на Стоилковиќ?
Род Благојевиќ сега лобира за Милорад Додик, ултранационалист од Република Српска кој има директни врски со Владимир Путин.
Додик е осуден во БиХ на една година затвор и му е одземен мандатот како претседател.
Додик е поврзан со „Ноќните волци“, мотоциклистички клуб близок до Путин, пропагатори на руското влијание и национализам.
Како се тие „блиски соработници на Трамп“, Иване?
Дали тоа е твојата визија за „патриотизам“ – мешавина од обвинети политичари и претставници на Путин?
Дали тоа е односот на владата кон стратешкиот партнер – Америка, како што наведува Мицкоски?
Граѓаните на Македонија заслужуваат вистинска политика, а не овој циркус.
Мики Маус дипломатија само ѝ штети на нашата земја и нашиот народ.
Време е граѓаните да се разбудат и да видат како оваа власт, овој режим на тендер коалиција нè срамоти.
Бидејќи Трамп го отпушти Род време е граѓаните да ги отпуштат ваквите како Стоилковиќ.
Овој министер за односи со заедниците, мора прво да научи односи меѓу заедниците за да може да се занимава со нив.
За пишувањето коментари на нашиот текст, речникот, непристојноста, некултурата, не сакаме да коментираме.
Тоа само говори за неговото воспитување, образование и култура. И тоа е дел од кампањата на Мицкоски за поделба на граѓаните со навреди како „талог на општеството“ или „медиокритет“.
За жал, овој човек, ја претставува нашата земја.
Ова или е потполн политички дилетантизам или ова сè е намерна политика на изолација на Македонија.
Секако, една или друга работа водат во ист правец, поставување на Македонија како црна точка на Европа.



