Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека СДСМ и понатаму цврсто стои на страната на работниците и нивните реални барања за достоинствен живот.
Филипче потсети дека СДСМ уште на крајот на 2024 година поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, кој тогаш беше одбиен од власта, и покрај очигледно влошената економска состојба и драстично намалениот животен стандард на граѓаните.
„Денес, кога растат цените, расте цената на струјата, растат сите трошоци кои ја сочинуваат синдикалната потрошувачка кошничка, подготвивме нови законски решенија кои ќе ги поднесеме во Собранието. Предлагаме зголемување на минималната плата на 600 евра во нето износ и замрзнување на платите на функционерите“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека овие мерки се логично продолжение на политиките на СДСМ од периодот кога партијата ја водеше Владата, време во кое минималната и просечната плата растеа континуирано, дури и во услови на сериозни економски и здравствени кризи. Воедно, со овие решенија СДСМ директно ги поддржува и барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, изнесени во јавноста.
Филипче упати јавен повик до Сојузот на синдикатите за соработка и вклучување во процесот, со можност за увид и поднесување сугестии за предложениот закон.
„Како одговорна политичка партија, наша обврска е да покажеме грижа и солидарност и да излеземе во пресрет на вистинските потреби на работниците. Не може да има пари за тендери и непотребни трошоци, а да нема пари за стандардот на граѓаните“, истакна Филипче.
Тој предупреди дека инфлацијата сериозно го јаде животниот стандард и дека Македонија денес има практично најниска минимална плата во регионот, за разлика од Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, каде платите веќе се зголемени.
„Ова е уште еден силен аргумент зошто младите ја гледаат својата иднина надвор од државата. Тоа мора да се запре“, рече Филипче, потсетувајќи дека за време на владеењето на СДСМ минималната плата се зголеми од 8.000 на 22.000 денари, а просечната од 22.000 на 42.000 денари.
Филипче изрази очекување дека овој пат Владата ќе покаже одговорност и ќе го прифати предлог-законот, бидејќи тој се темели на реални економски параметри и реални потреби на работниците.
„Ние не се бориме само за повисоки плати, туку за достоинствен живот – она што нашите граѓани и нашите работници навистина го заслужуваат“, порача Филипче.

