Филипче за падот на Орбан: Мицкоски остана без главниот политички и финансиски покровител

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција рече дека падот на режимот на Виктор Орбан претставува силен удар за актуелната власт во Македонија, затоа што значи крај на главната политичка и финансиска заштита на Мицкоски и разоткривање на тајните бизнис врски.

„Граѓаните на Унгарија јасно и гласно рекоа: ДОСТА Е од автократија! Ова е голема, историска победа на демократијата над автократијата, на Европа над руското и кинеското влијание и на владеењето на правото над корупцијата. Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака до целиот регион: времето на автократите завршува. Паѓаат автократските режими. Следен е тој во Србија, па после тоа на Мицкоски кај нас. Регионот припаѓа на Европа, а не на Русија. Доаѓа време на правда и одговорност.“ рече Филипче.

Претседателот Филипче потенцираше дека падот на Орбан значи крај на заштитата што ја имала актуелната власт.

„И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори, бизнис комбинации ќе излезат на виделина. Нема повеќе заштита од Орбан, нема повеќе таен план. Сега ќе мора Мицкоски да најде друг начин како ќе ги финансира своите медиуми да шират лажна кампања, и за тоа веројатно ќе ги користи парите коишто ги тренираат преку свои блиски фирми од буџетот, практично од парите на граѓаните.“ рече Филипче.

Тој додаде дека токму овие врски покажуваат зошто падот на Орбан е важен и за Македонија.

„Владата на Христијан Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не за државата, туку за свои лични и бизнис интереси. Не ги стави во рацете на Унгарија, не ги стави за доброто на Македонија – ги стави во рацете на бизнисмени, блиски луѓе на човекот кој сега веќе не е на власт.“ рече Филипче.

Во таа насока, Филипче истакна дека станува збор за целосно поврзан систем на влијание.

„Телекомуникации, енергетика, медиуми, финансии – сè беше поврзано со кругот на Орбан. Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан, со кои директно управува ВМРО. Резултатот: политичка алатка на Мицкоски и ВМРО за лажни вести, измислени афери и деноноќни напади против СДСМ и мене лично.“ рече Филипче.

Тој посочи дека со падот на Орбан ќе се отвори целата мрежа на влијание:

„Од кога Мицкоски и ВМРО се на власт, Орбан ја користеше Македонија како своја приватна колонија за политички и финансиски интереси. И сега кога Орбан паѓа, сите овие тајни договори и бизнис комбинации ќе излезат на виделина.“ додаде Филипче.

Претседателот Филипче најави дека СДСМ ќе бара одговорност и целосни истраги за сите бизнис комбинации.

„Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора да бидат детално истражени. Граѓаните на Македонија мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациите, кредитите, инфраструктурата и сите одлуки што се носени во нивно име. СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.