Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на собраниската седница за пратенички прашања му рече на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе мора да одговара, и на прашања и пред европските институции, вклучително и пред Европското обвинителство.
Филипче посочи дека ќе треба да се даде одговори за финансиските текови поврзани со Унгарија и Србија, Алта банка, како и за сомнежите за трансфер на пари и дрога преку границата.
„Веројатно ќе треба да одговараш на прашања не само тука, меѓутоа и на некои други места“, му порача Филипче на Мицкоски, повикувајќи се на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Онака како што јасно и недвосмислено, многу брутално, што би рекол ти, робусно, кажа претседателката на Европската комисија, дека пред Европа ќе треба да се одговара пред Европското обвинителство и европската обвинителка Лаура Ковеши“, истакна Филипче.
Филипче посочи дека се отвораат прашања за финансиските текови од Унгарија и Србија, за Алта банка, како и за можни трансфери на пари од Србија во Македонија.
„Па ќе се отворат прашања за кинеските пари од Унгарија, за Алта банка, за тоа дали има навистина, како што сè повеќе имаме информации, трансфер на пари од Србија тука. Некои документи видов пред неколку дена. Ако е тоа стварно така, мене ми е вака човечки жал за тебе, да ти кажам право, неполитички, ама патот сам си го избираш. Веројатно ќе одговараш на прашања и за трансферот на дрога преку граница, е тогаш на тие инстанци веќе нема да може да се дефокусира и да се даваат лажни информации“, изјави Филипче.
Филипче му порача на Мицкоски дека околностите се менуваат, а неговата поддршка од Србија постепено се губи.
„Јас знам дека сега тебе не ти е лесно, го нема и вториот ментор. Тој систем на поддршка од Србија полека се губи и ќе останеш сам“, му рече Филипче на Мицкоски.
