fbpx

„Акција 21“ содржи 10 приоритети за Европа дома, прв меѓу нив е прочистување на правосудството

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ

Почитувани,

СДСМ како одговорна партија, со голема посветеност и мотивираност ги поставува европските стандарди во нашата држава, во сите сфери на општеството.

Започнуваме со реализација на нова стратешка рамка „Акција 21“, со која ја носиме Европа дома.

„Акција 21“ содржи 10 приоритети, а прв меѓу нив е – Прочистувањето на правосудството.

Длабоките и суштински реформи во правосудството, преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството влегуваат во завршница.

И покрај тешката битка со противниците на правдата, со Мицкоски којшто стои на браникот на криминалот, како владејачко мнозинство во Собранието го донесовме Законот за јавно обвинителство.

Овој закон обезбедува продолжение на предметите за висока корупција, кои веќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела.

Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80-тина предмети, а осум судии биле разрешени.

Во завршна фаза е моделот за прочистување на судството, подготвен првенствено од претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност.

Сите судии ќе бидат оценувани за тоа како воделе постапка, како изведувале докази и сослушувале сведоци, а особено за тоа како постапувале со предмети кои се доведени до застарување.

Оценувањето ќе го врши Судскиот совет или Советот на јавни обвинители и тоа транспарентно и во одредени временски рокови.

Во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.

Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите пред сѐ за организиран криминал и корупција, и за ова ќе иницираме законски измени.

На почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашни експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција.

Почитувани,

Наш врвен приоритет се ред, правда и дисциплина, градење силна, независна правна држава и неселективно владеење на правото.

За граѓаните, за иднината на државата важно е да функционира силна ефикасна правна држава која бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата.

Ќе има правда за сите, ќе има одговорност за сите, мора да ставиме точка на сите криминали!

Последни вести