Прес-конференција, Даниела Марковска, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Владата предводена од СДСМ продолжува со реализација на мерките и политиките што имаат за цел намалување на невработеноста и санирање на последиците од коронакризата врз економијата.
Повторно се објавени јавните повици за најатрактивните програми и мерки од Оперативниот план за вработување за 2021 година, за кои граѓаните во изминатиот период покажаа најголем интерес.
Граѓаните и работодавачите имаат уште една дополнителна шанса да аплицираат за програмата Самовработување, мерката Субвенционирање, мерката Практиканство, мерката Обука на работно место кај познат работодавач, како и мерката Јавни работи
Мерките од Оперативниот план обезбедуваат поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.
Овие мерки значат и поддршка на невработените лица на кои престанокот на работниот однос им е регистриран во периодот на кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19.
За прв пат е објавен и јавен оглас за Обуките за развој на дигитални вештини кои ќе опфатат 400 невработени лица и ќе ги надградат нивните вештини што ќе значи и зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот.
Јавните огласи се отворени до 28 мај и затоа апелираме до граѓаните, невработените лица и работодавачите, да конкурираат во 30те Центри за вработување низ државата.
Поддршка за граѓаните и стопанството е врвен приоритет за СДСМ и институциите кои ги предводи.
Остануваме посветени на реализација на мерки и политики што значат намалување на невработеноста, поддршка за домашната економија и повисок животен стандард за граѓаните.