Владата решава еден од најголемите проблеми за македонските граѓани кои живеат во дијаспората и со 15 базни станици ќе им се овозможи да вадат лични документи во државите во кои живеат и престојуваат.
Се набавуваат 15 мобилни и фиксни базни станици кои ќе се постават до дипломатско-конзуларните претставништва. Проектот ќе чини околу 150 илјади евра, но ова е инвестиција која ќе се исплати, бидејќи нема да се исплаќаат дневници за мобилните екипи кои се испраќаат од земјава четири пати годишно.
Со новите базни станици ќе се намали времето на чекање за вадење на личните документи, а ќе се намали и напливот на барања за лични документи за време на годишните одмори.
За тоа во кои градови ќе се постават ваквите базни станици се одлучува врз основа на резултатите од пописот. Како што најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вакви станици ќе има во Берлин, Бон, Минхен, Торонто, Мелбурн бидејќи таму има најмногу граѓани.
Од министерството изразија желба овој проект да продолжи се додека секое дипломатско-конзуларно претставништво не добие своја базна станица и секој наш државјанин без разлика во која земја живее не добие еднаков пристап до остварување на своите права.