Партиите од македонскиот и албанскиот блок, кои важат за етноцентристички, решија заеднички да настапат на претстојните локални избори. Стравувајќи дека поразот ќе биде убедлив, како што покажуваат и анкетите, претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива седнаа на иста маса, иако скоро и да немаат заеднички допирни точки во своите политики, кои ги насочуваат единствено или само кон Македонците или само кон Албанците.
Неприродната коалиција наиде и на потсмев на социјалните мрежи, каде се шират фотографии од Зијадин Села од крвавиот четврток во Собранието, а за настаните на 27 април прогласени за виновни се токму најблиските соработници на Христијан Мицкоски.
Воедно, токму партијата на Мицкоски ги кочеше главните приоритети на партијата на Села, како што се Законот за употреба на јазиците, со кој се заокружи спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, потоа Договорот од Преспа, а јавноста се уште ги памети зборовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини сега веќе коалицискиот партнер Села дека „не го признава македонскиот идентитет“.
За ваквата безидејна коалиција, претседателот на СДСМ, Зоран Заев оцени дека е осудена на протест, бидејќи, како што вели, не очекува приврзаниците на Алијанса за Албанците да го гласаат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и обратно.