Со дигитализацијата на судството граѓани нема веќе да чекаат по шалтери, ниту да патуваат по други градови за добијат документ. Отсега потврда од казнената евиденција секој граѓанин ќе може да си извади по електронски пат. Ваквите реформи овозможуваат да заминат во историјата постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.
„Со приклучувањето на судовите на Националниот портал за услуги, граѓаните повеќе немаат потреба да губат по неколку часа за да го подигнат документот што им е потребен, туку сега го добиваат за три минути. Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт. Со оваа активност судот започна да ја применува регулативата на ЕУ, односно нејзината национална транспозиција со Законот за електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги и со тоа се приклучи во практичната примена на Националната платформа за интероперабилност. Пресметките се дека со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа“, истакна премиерот Зоран Заев.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ истакна дека дигитализацијата на судството е само почеток на процесот на осовременување на услугите кон граѓаните по што ќе следува вградување на современа информатичка технологија во сите 34 судови во земјава со што ќе се обезбеди и судење на далечина, но и ќе се овозможува видеозапис од судењата.