Соопштение за јавност
Скопје е заглавен, нефункционален град, граѓаните плаќаат прескапа цена заради кавгите на Мицкоски и Арсовска, но скопјани не ги интересираат кавгите на ВМРО-ДПМНЕ туку решенијата затоа што заслужуваат функционален и модерен град, вели во интервју за МИА претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
-Точно една година измина откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде локалната власт во Скопје. Кој е резултатот гледаме денеска. Главниот град е сѐ, само не главен и уште помалку модерен град. Ова се случува веќе подолго време, но секако кулминираше со кавгата за тендери и провизии и хасот со јавниот превоз во Скопје. Скопје е нефункционален, заглавен град, со колабиран јавен превоз, со граѓани кои едноставно не можат да си ги завршат дневните обврски, не можат да функционираат нормално. Средношколци пропуштаат настава, родителите не можат да си ги однесат децата во училиште или градинка. Никој не може да стигне ни на работа, ниту на лекар, никаде. Прескапа цена плаќаат граѓаните заради кавгите во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу Мицкоски и Арсовска. Тоа е недозволиво, потенцира Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додава дека делумното повлекување на блокадите во Скопје не се решение за хаосот и колапсот на јавниот превоз кој го создадоа Арсовска и Мицкоски.
-Тоа се двете адреси каде што треба да се бараат одговорите и решенијата. Владата нема ингеренции во јавниот превоз во Скопје и Владата не е соодветна адреса. Нивните меѓусебни кавги го парализираа градот, тие пред сѐ треба да им се извинат на Скопјани, па да седнат да го решат проблемот и тоа веднаш. Доста трпеа Скопјани. Мнозинството во Советот на Град Скопје е на ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот на Советот е од ВМРО-ДПМНЕ, директорите на јавни претпријатија и членовите на Управните одбори на тие претпријатија исто така се од ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам да седнат и да најдат решение за проблемот што самите го создадоа. А тоа го очекуваат и граѓаните, вели Ковачевски.
Во интервјуто претседателот на СДСМ и премиер потенцира дека Владата во рамки на ингеренциите прави сѐ што е во нејзина моќ.
-Законските услови за нормално функционирање на општинте се обезбедени, дотациите се обезбедини, дотолку повеќе што во 2023 планирани се и зголемени блок и ДДВ дотации за општините. Изминатиов период ја разгледуваме можноста за преземање на некои инфраструктурни, капитални проекти кои се од значење за градот и граѓаните на Скопје на подолг рок, како што е реконструкцијата на Универзалната сала или пак важни клучки, улици и мостови кои останаа недовршени од минатиот мандат како што е на пример изградбата на мостот на Љубљанска. И тоа го правиме во обид да ги спасиме важните проекти и да му обезбедиме можност на Скопје да се развива во иднина во навистина модерен град како и што беше планиран. Но морам да посочам дека решавање на дневни, менаџерски проблеми, како што е овој со превозниците, тоа не е работа на Владата, тоа треба што поскоро да го реши градоначалничката и мнозинството во Советот од ВМРО-ДПМНЕ да им го врати функционален градот на скопјани., вели во денешното интервју за МИА, претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.