Дел од обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Капе ли од вашите џебови, почитувани граѓани, последниот денар, по казни, по извршители, по долгови, по кредити?
Капе ли од вашето чело и последната капка пот? Капат ли од вашите очи солзи по децата кои се по белиот свет? Капеше ли крв поради политиките на поделби на оваа неодговорна, расипничка, мафијашка себична власт? Уште ли треба?
Уште 4 години ли треба, да ви плачат децата дома по леб? Да ги гледате со скршени срца, да не можете да им ја купите куклата од најблиската кинеска продавница со евтини производи?
Уште ли ќе плачете пред компјутерите додека зборувате со вашите деца и внуци во странство?
Уште ли ќе работите и ден и ноќ и единствено што ќе го заработувате е нова брчка на лицето, нова лузна на вашето срце, нова рана на вашите раце?
Уште ли ќе ги трпиме – 10 години божји ни зедоа, 10 години живот вам ви одзедоа,на нас ни одзедоа, секој од нас знае колку му одзедоа?!
Сакам да седне секој од вас и да расуди логично – имаат ли капките пот и раните боја? Дали има помалку или повеќе важни детски желби или младешки соништа?
По што се разликува една мајка од друга мајка? Јас ќе ви кажам само по што се разликува. Мајката на Никола Груевски е сместена во 4 стана, шета по луксузни годишни одмори. Нејзиниот син и нејзините внучиња се до неа. Вие мајките што правите?
Дали се вашите деца до вас, дали вие можете да им се радувате на вашите внуци? НЕ! Заврши тоа време и никој од вас повеќе не е среќен!
Е ова е единствената безобразна, дрска, несовесна, ИСТОРИСКА ПОДЕЛБА што ја направи Груевски и фамилијата во изминатите 10 години! Додека сите ваши бродови тонеа, тие ги котвеа своите бродови со над 5 милијарди евра изнесени пари по рајските острови.
За оваа поделба не сакаат Груевски и Мијалков да зборуваме, затоа измислуваат прикаски и нови лаги. Тие немаат План за Македонија, имаат само планови за себе – затоа лажат! Какви федерализации, какви кантонизации, какви бакрачи – ФИЛМОВИ ПРАВИ ГРУЕВСКИ!
Почитувани граѓани на Тетово, сакам овде отворено и јасно да кажам: Јас ќе бидам идниот Премиер, ја ставам десната рака, на срце и ви гарантирам, носам живот за сите подеднакво! Во нашата Македонија!
Уставот на Република Македонија нема да дозволам никој да го смени! Имаме прекрасен, либерален, европски устав!
Тој устав ги гарантира сите права на граѓаните на Македонија од било која заедница. Но ги гарантира и обврските на секој граѓанин. Овој План гарантира едно општество за сите. Овој План кој ние го имаме, ќе ви кажам што пишува во Планот, за да расчистиме сега. Да го оставиме Груевски со сите глупости со кои што сака да се занимаваме. И да! Да се фокусираме на егзистенцијата, на работните места, на економијата, на тоа што обезбедува живот.
Еве ќе ви кажам што пишува во Планот.
Нашата клучна цел, страница 187, ќе градиме едно обединето општество, со што ќе се обезбедат внатрешната стабилност на земјата и добри односи меѓу заедниците.
Ова го пишува во нашата програма.
Стојам зад секој збор напишан во Планот за живот во Македонија!
Ќе обезбедиме рамноправност и еднаквост за сите! За сите во Македонија!