Изјава за медиуми, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ
Благодарам за присуството и што останавте да ја проследите оваа изјава иако е доцна.
Дозволете накратко да информирам за одлуките и заклучоците од денешната седница на извршниот одбор.
Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на претседателот Ковачевски и кандидат за нов Претседател на Собранието го избра, Јован Митревски, досегашен координатор на Пратеничката група на СДСМ. Митрески е долгогодишен пратеник на СДСМ со големо искуство, вреден, отворен, чесен и посветен на интересот на граѓаните и државата, докажан во целиот негов досегашен ангажман во македонското Собрание. Сигурни сме, Митрески ќе ја извршува функцијата на највисоко ниво и во интерес на граѓаните.
Извршниот одбор го задолжи генералниот секретар да спроведе подготовка на Роковник за постапката, начинот и критериумите за избор на кандидат за претседател за претседателските избори, согласно Статутот на партијата.
За Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Извршниот одбор го предложи генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски. СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада.
Претседателот на СДСМ доби овластување за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка Влада која што е законска обврска.
Во наредниот период, овие одлуки очекуваме да бидат потврдени на седница на Централниот одбор на партијата кој ќе се одржи до крајот на овој месец.