fbpx

Колумна на Викторија Аврамовска Мадиќ: ОПШТИНИТЕ КАКО ВРУТОЦИ НА НАДЕЖИ

Facebook
Twitter
LinkedIn

ОПШТИНИТЕ КАКО ВРУТОЦИ НА НАДЕЖИ

Лицето го продава срцето е поучна и темелна порака во филозофијата, концепцијата и реализацијата на односите со јавноста. Секоја општина, како единица на локалната самоуправа во нашата земја, уставно и законски поставена, своето лице го препознава во личноста и функцијата на нејзиниот градоначалник и во советот на општината. Двете институции се на првата и суштинска линија на животот во општината, го динамизираат или забавуваат развојот и напредокот во таа средина, влеваат енергија и надежи или не успеваат да го покренат потенцијалот во урбанистичките решенија, во локалниот економски прогрес, во сферата на екологијата, образованието, здравството, културата…

Политиколозите и истражувачите имаат навика и потреба често да опоменуваат дека општината не ја чинат само градоначалникот и советот, туку дека тоа е систем од односи, процеси и настојувања на жителите на таа заедница низ кои се осмислува, се гради, се унапредува па и се усовршува живеењето во неа. На непосреден терен (тука и сега, како што би се рекло популарно) се создаваат услови, околности за мирен и спокоен живот, за креативни и конструктивни пристапи, за достигнувања кои можат да бидат и поскромни, ефектни и ефективни, но и за фантастични идеи и грандиозни потфати. На самото место, очи в очи, лице в лице, се наоѓаат и тивките градители на толеранција, разбирање, помош, поддршка и солидарност и своевидните херои на остварувања во хигиената, туризмот, безбедноста, хуманоста, љубезноста, оптимизмот. Во секој човек да се препознава, да се бара и да се најде неговото знаење и умеење, вештина и расположение за полезно дејствување. Тоа, бездруго, важи и за вработените во општинската администрација, во кои треба да се има доверба без оглед на тоа во чие време се вработени и какви се нивните идеолошки ориентации, вредносни системи и погледи.
Позитивните и благопријатните дела можат да бидат создадени и мирно, полека, според моделот капка по капка, но може да бидат и брзи, комплексни, скапи, спектакуларни. За секое од нив се потребни посветеност, љубов, инспирираност, знаење, воодушевеност. Резултатот е извесен, нема да изостане.
Општините со својата епохална предност на живеење во постојано соочување на жителите, на нивната меѓусебна упатеност, се, треба и мора да бидат извор, вруток на надежи и доверба.

Периодот на актуелно битисување, сакале или не, во голема мерка го означуваат и го оптоваруваат состојби и движења со елементи на криза, предизвикана најмногу од пандемијата на ковид 19, од светски воени случувања и други тешкотии, кои влијаат врз животот, однесувањето и одговорноста на сите луѓе, а највидливо е во потесните, локалните средини каде што се среќаваме на улица, во дворови, по скали, во продавница, во училиште, во амбуланта… Живата комуникација и информации, со совети и предупредувања, со внимание и грижа, со прифатлива материјална и финаниска помош, со потфати конципирани и практикувани во општината, нејзините клучни институции и можности се незаменливи во пресретнување на опасностите, во отстранување на ризиците и најбрзо превозмогнување на последиците.

Во една хумористично-иронизирачка објава се вели дека новата година се пречекува со доброжелби и очекувања и со грди зборови и непријатности за старата година (пораката е дополнета со зборовите дека новите многу често сакаат да слушнат нешто лошо за старите). Оваа идеја потсетува на речиси редовната појава новите градоначалници нашироко во јавностада ги соопштуваат наводните грешки и гревови на нивните претходници, посебно ако тие се од различна политичко-идеолошка ориентација, односно од конкурентска политичка партија. Не е спорно дека тие и такви појави и пројави на правно, политичко и морално етикетирање се елемент на недостоинствено, непродуктивно и нискоетично однесување. Тие луѓе се, нели, како што е со нормативи определено, жители на општината, наши соседи, пријатели, соработници. Најблаго речено кај нив предизвикуваат непријатност, разочараност, омаловажување. Ако е општината општествен, духовен и комуникациски простор за креирање и стимулирање надежи, со такво негативно озборување не и се служи и не и се помага на таквата возвишена цел.

Викторија Аврамовска Мадиќ
Претседателка на Надзорен одбор на СДСМ

Последни вести