fbpx

Интервју на Наумов за Фактор

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на заменик министерот за финансии Кире Наумов за порталот Фактор

 

Фактор: Како ја оценувате одлуката на НБРМ за зголемување на каматата на благајничките записи од 3,25% на 4%?

Наумов: Гувернерот Богов пристапи кон антиинфлаторни мерки, со цел сузбивање на нестабилноста на девизниот пазар што е пред се од шпекулативен карактер. Во овој момент ни еден финансиски параметар не укажува дека домашната валута е под притисок на девалвација. Ситуацијата на девизниот пазар трае не повеќе од две недели и има први сигнали од комерцијалните банки дека во последните два дена е намалено повлекувањето на денарските депозити.
Доколку не постои друга позадина за оваа мерка, пред се од политичка природа, тогаш зголемувањето на каматата на благајничките записи во овој момент е контрапродуктивно. Сомнежот дека Гувернерот Богов подлегнал на политички притисок го потврдува и објавувањето на проспектите за аукција на домашни хартии од вредност од страна на Министерството за финансии за наредната недела. Министерот Ставрески објави проспект за аукција на 3-месечни записи со девизна клаузула и со повисока каматна стапка. Двете одлуки заедно претставуваат класично долевање масло на огнот. Од една страна носителите на економските политики излегуваат во јавност и пренесуваат порака дека нема простор за паника, дека денарот е стабилен, дека ниту еден параметар не укажува на можна девалвација на денарот или пак инфлаторни движења, дека сите граѓани кои имаат денарски заштеди треба да бидат мирни, а од друга страна Гувернерот пристапува кон антиинфлаторни мерки, а Министерот за финансии се задолжува со евроклаузула.
Нерамнотежи од шпекулативен карактер се надминуваат со влевање доверба во стабилниот изглед на домашната валута, а не со мерки кои го укажуваат токму спротивното. Овие две мерки се потврда дека власта е спремна да ја пролонгира целата нестабилност уште извесен период само за да се обиде да ќари ситни политички поени, преку веќе виденото сценарио на обвинување на опозицијата.

Фактор: Како го коментирате ставот на НБРМ која и натаму ги оценува економските фундаменти како здрави, без присуство на поголеми нерамнотежи во економијата. Какви би можеле да бидат реперкусиите врз деловна клима ако натаму нема решение на политичката криза?

Наумов: Сега е популарно да се каже дека политичката криза, заедно со мигрантската криза негативно влијае на економската состојба. Пред тоа виновна беше европската должничка криза, пред тоа светската економска криза, па се сеќаваме на воениот конфликт од 2001 година, пред тоа косовската бегалска криза и… Македонија со некои кратки периоди како да не е излезена од криза. Или пак тоа е само алиби за погрешните економски политики и воопшто за генералната политика која ја воделе владините гарнитури во овие периоди.
Точно е дека салдото на тековната сметка е во негатива која лесно се надополнува и дека не постојат економски ризици кои би можела посериозно да ја нарушат стабилноста на македонската економија, освен прекумерното задолжување. Зборувам не само за внатрешни, туку и за надворешни. Целиот регион има позитивна проекција за наредниот период. Тоа што на Македонија, односно на македонската економија и е повеќе од потребно е исчекор од стабилна економија, во брзо растечка економија. Во периодот додека Груевски е на власт просечната стапка на раст на БДП изнесува 3%, претходно во четирите години на СДСМ просечната стапка е 3.7%. Ниту едната, ниту другата стапка на раст не се доволни македонските граѓани да осетат подобар живот. Македонија според Евростат со БДП од 4127 евра по глава на жител во 2014 година е подобра само од Босна и Херцеговина и Албанија. Со речникот на Груевски тоа би го кажале дека Македонија е на 3. место во Европа, ама за жал почнувајќи од позади. Наш императив треба да биде развој. Нас ни се потребни стапки на раст од 6% за да можат граѓаните после 4-5 години да осетат квалитативно подобрување.

Фактор: Дали политичката криза може да резултура и со повлекување на депозитите од банките?

Наумов: Повлекувањето на депозитите од банките во периодов е пред се од шпекулативен карактер. Постои еден страв кај граѓаните, кој за жал овие денови се остава да тлее од страна на надлежните институции. Тоа е ризичен пристап на креаторите на економските политки. Стабилноста на банкарскиот сектор, која макотрпно се градеше последниве 25 години, нема да биде загрозена. Веќе се надзираат контурите на ова јалово сценарио предизвикано од власта во заминување, која не бира средства на било кој начин да го дефокусира вниманието од растечкото незадоволство помеѓу граѓаните, изразено преку Шарената Револуција.

Фактор: Јавниот долг зклучно со март изнесува 4,3 милијарди евра или 45 % од БДП. Дали и во наредниот период очекувате долговите да растат и колку уште реално Владата има капацитет да се задолжува кон домашните и меѓународните кредитори?

Наумов: За само 3 месеци од 2016 година, јавниот долг се зголеми за 105 милиони евра и го достигна износот од 4.33 милијарди евра. Доколку споредбата на состојбата на јавниот долг за првиот квартал се направи со проектираниот БДП за првиот квартал од 2016 година и реализациите од последните 3 квартали од 2015 година, односно според методологијата што се користи во земјите на ЕУ, учеството на јавниот долг во БДП не е 45%, туку 47,2%.
Со поагресивната реализација на планираниот годишен дефицит, Владата се повеќе го намалува својот капацитет за задолжување. Во последните извештаи на Светска банка и на Европската комисија за економската состојба во Р.Македонија се алармираше токму за галопирачкото темпо на раст на јавниот долг.
Според мене, Влада која го губи својот кредибилитет пред меѓународните фактори, тешко може да биде во состојба да испреговара поволно кредитирање од странство. Домашните капацитети за кредитирање, колкави и да се, не се ниту неограничени, ниту бесплатни и директно влијаат врз влошување на условите за кредитирање на приватниот сектор.

Фактор: Според фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, Македонија планира да го зголеми долгот за 1,6 милијарди евра во наредните три години. Јавниот долг во наредните три години треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то. Дали Македонија полека ја преминува линијата којашто го означува капацитетот на една економија, на една популација за враќање на долговите ?

Наумов: За среќа оваа Влада нема да ја дочека 2018 година. Инаку ако се водиме според претходните Фискални стратегии кои секогаш беа потценети, со оваа влада долгот во 2018 година ќе беше зголемен за 2 милијарди евра, односно ќе изнесуваше околу 60% од БДП. Би сакал да напоменам дека до 2012 година Министерството за финансии имаше повлечено црвена линија на ниво од 40% за јавниот долг. Зборуваме за граница која била поставена пред не повеќе од 4 години. Колку реално може да се смени капацитетот на земјата за толку краток временски период?
Секоја земја има сопствено ниво на јавен долг кое што може да издржи да го отплаќа. Република Македонија чекори на една нестабилна ивица по основ на ова прашање.Јавниот долг е спирален процес: повисок долг носи повисоки каматни стапки, па следува потреба од повисоко задолжување за да се покрие тоа што е претходно земено, итн. Колку повеќе расте јавниот долг, со едно расипничко и неразвојно трошење, толку поскапо ќе го враќаме сите.

Фактор: Очигледно е дека Вие не можете да го спречите задолжувањето, но можете ли да кажете за што точно се трошат позајмените пари и дали може да се случи до крајот на годинава да нема средства за исплатата на плати и пензии ?

Наумов: Не мислам дека прашањето е дали Дополнителниот заменик министер за финансии може да го спречи задолжувањето или не. Дали се почитуваат обврските превземени од договорот од 2јуни/15 јули е суштината на разрешување на политичката состојба во која се наоѓаме. Доколку беа испочитувани сите одредби од тој договор во дадените рокови, денес ние ќе разговаравме за идните предизвици и реформи со коишто новата влада ќе се соочи и ќе ги спроведе. Вработените во јавната администрација и пензионерите се жртви на бескрупулозната кампања на оваа Влада, дека ако не е Груевски средства за плати и пензии ќе нема. Груевски веќе со месеци не е премиер,а плати и пензии има. Така ќе биде и во наредниот период.

 

Последни вести