СЕЗОНА НА ПОЖАРИ
Летото не би било лето ако не се стандардните горештини на Јули и Август. Силното сонце, а особено врелиот асфалт ги прават летата во нашите градови навистина топли, особено Скопје. Но еве веќе 32 години во Македонија, покрај годишното време и сонцето, високи температури носи и политичката ситуација и секогаш имаме најави за т.н. “Жешко политичко лето”.
Високите температури и силното сонце, покрај добро расположение носат за жал со себе опасности од пожари. Неретко македонските планини и шуми се жртви.
И така, како што покрај горештините скоро секое лето имаме и жешка политичка ситуација, така оваа година покрај стандардните опастности од шумски пожари, имаме опасност и од политички пожари.
Пироманија е импулсивно контролно нарушување односно кондиција во која не може да се контролира некој импулс или искушение. Човек кој старада од пироманија се вика пироман. Пироманите, за жал, не можат да ја контролираат желбата да запалат оган и покрај тоа што се целосно свесни дека може да предизвикаат штета.
Оттука, политички пироман е човек кој не може да си ја контролира желбата да запали политички оган иако знае дека ќе направи штета.
Ајде да дефинираме што е политички оган!?
Политички оган е креирање на хистерија и лага во општетството со цел да се исценира неизвестност, протести и др. кои треба да внесат страв кај граѓаните (моја лична дефиниција). И како и кај стандардните пиромани, политичкиот пироман не може да ја контролира желбата за оган (читај власт) иако е свесен за штетата која ќе ја направи (најчесто на граѓаните и на државата).
Личи познато!?
Во моментов Македонија се наоѓа токму во таква ситуација. Политичките пиромани од ДПМНЕ и Левица по секоја цена сакаат да запалат што е можно повеќе пожари. Ситуацијата ја загреваа со коридорите 8 и 10 односно изборот на Бехтел и Енка како компании изведувачи. Со креирање лаги и хистерија пробаа да го минираат најголемиот инфраструктурен зафат во историјата на независна Македонија. Ваков градежен бум повозрасните не виделе од Југославија, а ние помладите пак никогаш.
Продолжија и со нови пожари. Креирање на хистерија за зголемување на платите на функциуонерите со одлука на Уставен суд. Намерно ДПМНЕ и Левица не ви кажуваат дека ова е одлука на УСтавен суд, а не на Владата и уште повеќе, кријат дека нивните пратеници, градоначалници и директори исто така земаат повисока плата. И не кажуваат дека владата веќе работи со синдикатите на решение за платите да се нормализираат и намалат.
Политичките пиромани од Левица и ДПМНЕ се ненаситни во задоволување на нивната желба за пожар. Еден од последните политички пожари е и законот за родова еднаквост. Без разлика кој што мисли на оваа тема и каков став има, неколку работи се факт: законот не предвидува истополови бракови, законот не предвидува посвојување на деца во истополови бракови, законот не предвидува пропаганда на деца за ЛГБТИ. За детаљите во законот допрва ќе се дискутира со сите чинители за да се најде најдобро решение, но овие набројани лаги кои ги сервираа ДПМНЕ и Левица не се вистина!
И сега ќе пробаат летово да запалат пожари и во синдикатите за како Влада да не можеме да се договориме со работиниците за повисоки плати.
А зошто го прават ова политичките пиромани!?
Затоа што знаат што ќе се случи на избори кога за рекордно време ќе се изградат нови патишта до Прилеп, Битола, Ресен, Демир Хисар како и до Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Вевчани…
Свесни се дека ќе биде позитивно прифатено усогласувањето на плати помеѓу работниците и функционерите и знаат дека работниците ќе бидат задоволни со новиот општ колективен и останатите колективни договори кои им носат подобри права, услови и повисоки плати.
Затоа што токму Мицкоски на Фејсбук статус го поддржа законот за родова еднаквост, но подоцна политички се пресмета и одлучи повторно пожар да запали.
Исто како што палеа пожари лани дека јазикот ќе ни стане бугарски дијалект или дека ќе има рестрикции на струја.
Пожарите се гасат со големи количини на вода. Политичките пиромани од ДПМНЕ и Левица треба да знаат дека не можат толку да палат колку што ние имаме вода за гасење.
Но треба и да внимаваат, од многу вода, може и политички да се удават.
П.С. Имајте убаво лето и чувајте ги нашите прекрасни шуми од пожари.