Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни, вели во интервју за „Локално“, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Околу најниската пензија во земјава, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите, министерката истакнува дека по доставување на извештајот, Работната група продолжува со работа кон изнаоѓање на ново законско решение за минимална пензија со измени на постоечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување или нов посебен закон за минималната пензија.
Дел од пензионерите и понатаму не се откажуваат од протестите. Иако најавивте мерки, тие очигледно не ги задоволуваат желбите на поединци. Постои ли можност за остварување на нивните барања?
Ова е транспарентна Влада која ги сослушува граѓаните, и затоа ги земаме во предвид мислењата на пензионерите кои се вклучени во протестите. Исто така ние сме и одговорна Влада, затоа ги известуваме граѓаните за тоа што влегува во рамките на возможното, а што не. Сакаме стабилноста на пензискиот фонд да продолжи, затоа внимателно се работи на тоа да се подобри квалитетот на живот на пензионерите, а воедно да продолжи редовната исплата на пензиите. Сметам дека со финалните решенија кои ќе ги донесеме ќе бидат задоволни и двете страни.
Велите никогаш пензијата за изминатиов период не била зголемена за 24 отсто, додека оние кои протестираат велат дека инфлацијата веќе ги „изела“ тие покачувања и се повикуваат на фамозните 78% зголемување на платите на политичарите. Дали е доволно направено, по ваше мислење, за оваа категорија граѓани?
Пензионерите во текот на мојот мандат се секогаш дел од моето секојдневие, средби, настани и заеднички активности се дел од нашето заедничко битисување. Kако Влада граѓаните секогаш ќе ни бидат приоритет. Подобриот квалитет на живот на пензионерите ги вклучува и услугите кои ги спроведуваме. Зголемените капацитети во старечките домови, услугата помош и нега во домот, Центрите за активно стареење се дел од подобностите за пензионерите во кои и понатаму ќе продолжиме да вложуваме.
Како течат разговорите и преговорите за Законот за минимална пензија и кога очекувате негово донесување?
Владата на Република Северна Македонија, формира Работна група за разгледување на предлози за прашањето за најниска пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите.
Работната група ги има во посебен фокус пензионерите со ниски пензии и преку анализи и информации подготвени од вклучените страни во работната група (РГ), треба да предложи на Владата на РСМ финансиски и социјални мерки за пензионерите, како и законско решение за редефинирање на правото на најниска пензија.
Во процесот на носењето на предлог мерките и предлог законското решение за уредување на најниската пензија, Работната група ќе води сметка за стабилноста на пензискиот систем и пензиите да продолжат да се исплаќаат навремено и редовно, како за тековните така и за идните пензионери.
Работната група во текот на оваа недела го усвои извештајот со предлог за пакет социјални и финансиски мерки за корисниците на пензија со ниски пензии, кои беа презентирани на последната седница на Владата на Република Северна Македонија. По доставување на извештајот, Работната група продолжува со работа кон изнаоѓање на ново законско решение за минимална пензија со измени на постоечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување или нов посебен закон за минималната пензија.
Се потешко се наоѓаат работници во земјава поради заминувањата во странство, па оттука се дебатира за зголемување на старосната граница за пензионирање, нешто што се случува во Европа во некои земји. Веќе изјавивте дека не се разговара кај нас за сличен потег, но дали би поддржале зголемување на старосната граница?
Во однос на прашањето за зголемување на возраста како услов за стекнување на право на пензија, во Министерството за труд и социјална политика за сега нема никакви конкретни дискусии и активности. Сметам дека имаме силни и просперитетни млади кои треба да ги вклучуваме се повеќе на пазарот на трудот и да го користиме нивниот потенцијал. Има моментално 36.000 семејства приматели на Гарантирана минимална помош кои треба економски да ги зајакнеме и да ги вклучиме на пазарот на трудот. Можеби би поддржала продолжување на работен однос по желба на работникот, но сметам дека до постоечката старосна граница пензионерите имаат доволно придонесено. Да ги оставиме да уживаат во пензионерските денови, со уредбите законски кои моментално се на сила.
Постои диспаритет помеѓу платите на мажите и жените, иако тоа е регулирано со закон, кај нас тоа е се уште пракса. Презема ли нешто МТСП?
Северна Македонија има стабилна правна рамка што ги препознава родовите прашања во политиките за вработување и пазарот на труд. Законот за работни односи забранува дискриминација по различни основи, вклучително род, возраст, здравствена состојба, попреченост, сексуална ориентација, религија и други лични својства. Законот пропишува дека „на жените и мажите мора да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман.“
Во 2017 година со донесувањето на Законот за минимална плата во 2017 година се намали родовиот јаз во платите со изедначување на минималната плата со националниот просек за работниците во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, во кои најголем дел од вработените се жени. Наспроти решението во актуелниот Закон за работните односи, кое предвидува еднаква плата за еднаква работа, во рамките на новиот Закон за работните односи кој е во завршна фаза на подготовка, одиме чекор понатаму и се усогласуваме со ратификуваната Конвенција за еднакво плаќање и Регулативата на ЕУ, имплементирајќи го принципот на еднаква плата за еднаква работа и работа со еднаква вредност.
Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија, но тука дискриминацијата на членовите на оваа заедницата се зголемува, додека БДП-то паѓа. Едно од седум ЛГБТ-лица во земјава сè уште се соочува со дискриминација на работното место при вработување, отпуштање и професионално напредување. Како до подобрување на состојбата?
Целосното искористување на потенцијалот на секој граѓанин придонесува кон развојот на државата, добросостојбата на целокупното општество и економското зајакнување и развој. Секој што сака, може и треба да биде вклучен на пазарот на трудот. Ние го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминација, основите на сексуална ориентација и родов идентитет се експлицитно наведени, при што се забранува секаква дискриминација на трансродовите лица во повеќе области, наведени во Законот, меѓу кои и областа на здравство, работни области, образование и други области. Имено, со усвојување на овој закон сите министерства се задолжени да ја хармонизираат својата легислатива со новиот концепт на недискриминација, којшто е хармонизиран со ЕУ директивите и меѓународните стандарди.
Меѓутоа покрај зајакнување на законските регулативи единствен начин за промена на општествената клима е подигање на јавната свест, елиминирање на сите стравови поради водење на погрешни наративи. Секој еден треба да биде економски независен да води достоинствен и индивидуален живот, тоа е човеково право кое не смееме да дозволиме да биде скршено.
Често слушаме и за „западни наметнувања“ на вредности, во однос на ЛГБТИ заедницата, кои не се својствени за оваа земја, често од оние кои дискриминираат. Вие како Влада и министерка останувате на вашите заложби за повеќе права на овие граѓани, но дали „држи вода“ тврдењето дека наметнувате туѓи вредности?
Ако го наметнуваме како Влада почитувањето на основните човекови права како тема на јавноста, тогаш сум горда што сум дел од оваа прогресивна Влада. „Едно општество за сите“ е заложба на која посветено и гордо работиме. Почитувањето на човековите права се однесува на сите, не можеме да кажеме дека човековите права се за нас приоритет доколку од нив исклучуваме одредена целна група. Почитувањето на човековите права важи за сите, или за никој.
Зошто не зборуваме за прекумерното користење на технологија и социјални медиуми што предизвикува нарушување на менталното здравје кај младите, зошто не се води дискусија за зголемување на фемицидите и насилството како појава поради промовирање на анти-родовите движења, зошто зборуваме за работи кои се градбени единици на општество каде се задоволни граѓаните, туку тема на дискусија се основните човекови права маскирани под „западни наметнувања“ за поголем притисок за слободно делување на одредени целни групи.
Често зборувате за анти-родовите движења во земјава кои земаат поголем замав во општеството. Од коалицијата за заштита на децата побараа ваша оставка, откако тврдат дека со Предлог-законот за родова еднаквост ќе ги „репрограмирате“ децата во „родово флуидни“. Како ги коментирате овие обвинувања? Дали сме воопшто зрели како општество за овие промени кои ги нудите?
Законот има само една цел – надминување на пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
Во седмицата кога сите бевме насочени кон активности кои ќе придонесат за повеќе насмевки кај децата. Коалиција за заштита на децата го искористија моментот и на „грбот“ на децата се промовираа во јавноста користејќи анти-родов и извртен наратив кој што нема допирна точка со вистината. Штета што во 21 век сеуште разговараме за тоа дали жените треба или нетреба да уживаат одредени права и штета што поставуваме имиња на организации кои мислиме дека ќе инспирираат кон подобро детство, но единствена цел и работа им е ширење на дезинформации и страв. На сметка на децата, коалицијата си ја остварува сопствената агенда, а таа агенда има само политичка цел и мотив.
Најголем дел од неактивното население во државата се жените, тоа ја спречува државата да го искористи нивниот целосен потенцијал. Како до економско зајакнување на жените во државава?
Министерството за труд и социјална политика како ресорно министерство со особено внимание креира политики, програми и мерки, кои имаат за цел активирање на не активното население на пазарот на труд, притоа земајќи ја предвид и родовата еднаквост.
Токму, Секторот за Еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика претставува главен Владин механизам кој што работи на креирање на политики и спроведување на мерки во насока на имплементирање на родовата еднаквост во нашата држава. Како еден од главните чекори во исполнување на таа цел беше донесувањето на Стратегијата за родова еднаквост во 2022 година, која ќе биде со важност до 2027 година. Истата се спроведува преку акциски план на кој главните стратешки цели се да се спроведе ефикасен и ефективен механизам на национално и локално ниво за намалување на стереотипите поврзани со родовите улоги.
Голем исчекор во унапредувањето на родовата еднаквост е направен со отворањето на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање од страна на Министерството за труд и социјална политика и UN Women и поддршка од Швајцарија и Шведска, во 2022 година. Овој Ресурсен центар спроведе 32 обуки и обучи 420 лица од јавната администрација на тема родова еднаквост и недискриминација. Ова е потенцијал коишто треба да го меинстримира концептот за родова еднаквост во политиките, програмите коишто ги креираат и спроведуваа вклучително и во областа на работата и работните односи.
Министерството за труд и социјална политика секоја година го креира Оперативниот план за активни програми и мерки, чиј имплементатор е Агенцијата за вработување, а каде што како најатрактивна мерка се издвојува мерката за самовработување, која им овозможува на жените да отворат свои бизниси. Речиси половина од корисниците се млади девојки. Тука ќе ја спомнам мерката за стекнување на ИТ вештини каде за оваа година ја зголемивме возрасната граница од 29 на 40 години за да оствариме опфат на повеќе жени. Преку ваквите мерки вклучуваме жени кои не можат да најдат работа, можам да посочам дека успешно ги извлекуваме од системот за социјална заштита и ги интегрираме на пазарот на трудот.
Уште еден значаен сегмент кој придонесува кон намалување на јазот на учеството на жените на пазарот на трудот е Развојот на социјалните услуги кои ги поттикнува МТСП. Имено со воспоставувањето на социјалните услуги за Лична асистенција и Помош и нега во домот се овозможува намалување на обврските на жените и можност за вклучување на жените на пазарот на трудот – ако се има во предвид дека традиционално жените се тие кои се грижат за децата, за повозрасните членови во домот. Преку услугата помош и нега во домот се придонесува и тешко вработливите жени, да бидат активирани во давањето на оваа услуга.
Во насока на активирање на пазарот на труд на жените е и отворањето на детски градинки и во руралните и градските средини каде што ќе бидат згрижени нивните деца. Од 2017 година досега отворивме 81 детска градинка, со опфат на близу 6000 деца. Тоа им овозможува активирање на жените на пазарот на труд и воедно нивна економска самостојност и стабилност.
Значајно е да се истакне за дека преку соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, се изнајде соодветно решение преку Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност и истата започна да се имплементира во 2023 година. Во неа се лоцирани 4 милиони денари кои ќе се користат за финансиска поддршка за мајчинство на жените во период од 9 месеци кои имаат статус на осигурени – индивидуални земјоделки.
Дополнително, со Програмата за рурален развој со мерката „115 Рурална жена„ се овозможува економско јакнење на жените земјоделки. Во 2022 за оваа мерка зголемен е износот на 6.000 евра по корисник, средства кои се наменети за доработка и преработка на примарни земјоделски производи, како и за набавка на опрема за директен маркетинг на фармата и сл.
Двете кампањи на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“ и „Остави трага“ спроведени оваа година низ целата држава ја поттикнаа дискусијата во општеството за поголемо економско зајакнување на жените.
Сметате ли дека жените се недоволно застапени во политичкиот и јавниот живот?
Се додека постои жена која се плаши да го оствари правото на образование, правото на слободен говор и правото на избор, јас ќе сметам дека нема доволно жени застапени во политичкиот и во јавниот живот. Затоа што ако градиме политики каде не се вклучени жените е исто како да градиме општество во кој жените не се предвидени да бидат вклучени. Во изминатиот период воочуваме напредок во овој дел. Бројот на жени пратенички во Собранието на Република Северна Македонија е зголемен и се одржува благодарение на афирмативните законски мерки. Во 2021 година, 40.2% од избраните пратеници беа жени, додека на крајот на 2022 година процентот на жени во Собранието на Република Северна Македонија достигна 42.5%. Меѓутоа сеуште жените не се доволно застапени на министерски позиции и во извршната власт. Додека пак бројот на жени донесувачки на одлуки е најмал на локално ниво. Во 2021 година, од вкупно 27 жени кандидатки, за градоначалнички беа избрани две жени од вкупно 81 градоначалник, за 80 општини и градот Скопје. Жените се исто така речиси четири пати помалку застапени од мажите на позиции на донесување одлуки во компаниите во земјава. Ова не е ситуација која означува успех туку знак за поголема активност за спроведување на родовата еднаквост во сите сфери на животот.
Овие бројки, но и анти-родовите движења во комбинација со говорот на омраза кон жените се теми на кои треба посветено да работиме за да охрабриме жени да бидат дел од политичките процеси и од донесувањето на одлуки. Цврсто верувам дека токму жените се оние кои може да понесат многу товар на својот грб, да донесат храбри и одлучни чекори, но и да покажат што е транспарентно и чесно работење, доколку им се верува и им се даде прилика.
На што ќе се насочите во последните месеци од вашиот мандат, со оглед на изборите кои се планираат за напролет?
Секако следните последни месеци знам дека ќе бидат тешки, но тоа нема да ме одвои од мојата мисија која си ја поставив уште првиот ден кога влегов на работа во министерството како помлад соработник. Секој ден да помагам на еден човек така ќе помогнам на 365 лица годишно. Сега како министер со одлуките водени од моите вредности на работа – солидарност, еднаквост и праведност верувам дека не помагам само на еден човек во денот туку на повеќе граѓани одеднаш.
Мојот мандат до сега е одбележан од теренска и тимска работа, надвор во директен контакт со граѓаните. Така имав можност секогаш да бидам во директен контакт со граѓаните. Да решавам предизвици кои не се присилени да излезат во медиумите, не се уредно скоцкани од извештаи и од анализи туку се увидени директно во контакт со оние кои никогаш не биле вклучени на места каде може да го кажат своето мислење. Теренската работа ни покажа и мене и на граѓаните дека сме исти, дека сме исправени пред истите предизвици и дека заедно доаѓаме до решенија. Овие средби ми покажаа дека нашите граѓани не смеат да останат во системот на социјална заштита, туку тие сакаат охрабрување, можности и развој во постигнување на својот полн капацитет.