„Отворен Балкан“ е демонстрација на прогрес, наш чекор напред кон кој сме упатени следејќи ја мнозинската волја на нашите народи. Нема веќе чекање и нема отфрлање“, нагласи премиерот Зоран Заев, во својот авторски текст за српскиот весник „Политика“, каде додаде дека „наместо судбина, ние избравме иднина, а наместо некни – денес и утре“.
Според премиерот, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, и сите други народи што живеат во државите од Балканот пред себе имаат ист пат, иста визија и вредности, а тоа се европските вредности, а не политики на ѕидови и поделби.
-„Отворен Балкан” е комплементарен, а не спротиставен на ЕУ. „Отворен Балкан” е засилувач на нашата европска агенда, при што сите три земји остануваат посветени на своите агенди и обврски за пристапување во членство во ЕУ, пишува Заев.
Тој додаде дека Албанија, Србија и Северна Македонија нема да ја запрат својата интеграција поради конфузните сигнали кои ги праќа Брисел по однос на проширувањето за кое до вчера уверуваа дека е стратешко за Унијата.
-Додека Унијата наутро се проширува, а навечер се затвора, нашиот пат е дење-ноќе отворен, европски, без дилеми посветен на соработка, на пријателство, на солидарност, на повеќе слобода и на подобар живот за секој еден граѓанин од нашиот регион, заклучи Заев.