Со владиниот Оперативен план за активни програми и мерки, предвидена е и поддршка на невработените лица кои ги изгубија работните места во периодот на кризата предизвикана од корона вирусот, особено на вработените во текстилната индустрија, а до крајот на годината согласно економските текови ќе растат и минималната и просечната плата.
Во делот на растот на платите, сериозно се прават анализи и како што соопшти вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, до крајот на годината можеме да очекуваме да расте минималната и просечната плата.
„Веќе сме многу блиску до она што беше нашето ветување, дека за четири години од нашиот мандат минималната плата ќе достигне околу 300 евра, а просечната до 500 евра. Министерството за финансии, има оптимистички предвидувања дека БДП ќе продолжи да расте и дека сите позитивни трендови кои веќе се евидентни во третиот квартал од 2021 година, одат во насока на тоа дека ќе имаме раст минималната плата, просечната и пензиите“, – категорични се владините преставници.
Во правец на подобрување на статусот на работниците и подобрувањето на економската ситуација министерството за труд и социјална политика подготвува и Закон за социјални претпријатија, а до крајот на месецов ќе биде отворен и Центарот за поддршка на социјалните претпријатија. Министерството за труд и социјална политика подготви и Стратегија за безбедност и здравје при работа со која се добиваат јасни насоки, за дејствување за период од 2021 до 2025 година. Подготвен е и Акциски план за период од 2021 до 2023, со кој се утврдени конкретни активности и мерки што ќе се реализираат за остварување на планираните стратешки цели.