fbpx

Спасовски на конференцијата „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на конференцијата „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“

Почитуван г-дин Никола Бартолини, претставник на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија,

Почитувана г-ѓа Тања Ван Дајк, Координатор на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција,

Дами и господа,

Дозволете ми најнапред да Ве поздравам од име на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и од мое лично име. Ја користам оваа прилика да изразам голема благодарност до Европската Унија и Советот на Европа, кои како поддржувачи на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија го овозможија отпочнувањето на новиот проект „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“, што ќе се реализира во рамки на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција.

Овој проект претставува продолжение на претходно релизираните активности во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на надворешен независен механизам за надзор на работата на полицијата”, имплементиран од страна на Советот на Европа со финансиска поддршка од Кралството Холандија, кој во април оваа година заврши со донесување на заклучоци за избор на двостепен модел „Обвинителство плус”, односно воспоставување на специјализирано одделение во рамките на Јавното обвинителство и основање на ново тело за граѓанска ревизија со можност истото да има второстепена функција.

Почитувани,

Една од главните цели на полицијата во демократското општество е да ги штити и почитува човековите слободи и права на поединецот. При преземањето на активности во рамките на своите овластувања, полициските службеници мора стриктно да го почитуваат правото на живот и хумано да постапуваат со секое лице, без разлика дали лицето бара заштита од полицијата или пак е лице кое го крши законот и е сторител на некое кривично дело. Во своето постапување полициските службеници имаат обврска да ги почитуваат критериумите на законитост, сразмерност и недискриминација, а секој полициски службеник треба да подлежи на индивидуална одговорност за своите постапки во текот на вршењето на полициските задачи.

Во секое демократско општество полицијата претставува јавен сервис за граѓаните и е одговорна пред нив. Полицијата мора да биде блиска до граѓаните, да одговара на нивните потреби и проблеми, од маалата и населените места, преку специјалните единици до единиците за справување со организиран криминал.

Во демократските општества критиките упатени до полицијата во однос на злоупотреби на овластувањата и прекршување на човековите права во полициска постапка се проверуваат од тела кои спроведуваат внатрешен и надворешен надзор и контрола на работата на полицијата.

Но лично се заложувам за целосна професионализација на полицијата, за полиција на висина на задачата, што ја сфаќа својата сериозна улога во општеството и сакам да кажам дека сум задоволен дека постојат совесни луѓе вработени во Министерството, кои го поддржуваат овој начин на работа, што изминатите години не беше пракса.

Ако нема свесност за одговорната улога кај секого поединечно дека само со професионален пристап во работата можеме да бидеме од корист на граѓаните и државата, ниту еден контролен механизам нема да биде доволен.

Затоа заедно со професионалците во Министерството за внатрешни работи се определивме кон совладување на сите наследени проблеми во функционирањето на МВР, што се одрази дури и до структурите на внатрешната контрола.

Не се дозволиви злоупотреби на Министерството и на вработените во кој и да е сектор во полицијата, за разни други цели, спротивни на интересите на граѓаните!

Полицијата мора да ги почитува човековите права и ќе ги почитува. Полицијата така мора да функционира! За граѓаните!

Успешното реализирање на проектот кој денеска свечено го промовираме „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“, очекувам да го помогне процесот на воспоставување на независен и ефикасен механизам за контрола на работата на органите за спроведување на законот во државата, на што во Министерството веќе работиме.

Преку зајакнување на капацитетите на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди како внатрешен механизам за контрола на работата на полицијата ќе влијаеме на почитувањето на човековите права од страна на полицијата. Тоа ќе го постигнеме преку превентивните заштити од несоодветно постапување, но и со подигнување на етичките и професионалните стандарди и мотивацијата на полицијата на што сум посветен со сите професионалци, исклучиво во интерес на граѓаните.

Дами и господа,

За крај би сакал уште еднаш да му се заблагодарам на Советот на Европа за континуираната поддршка која ја дава на Министерството за внатрешни работи за надминување на идентификуваните недостатоци и практичните слабости поврзани со заштитата на човековите права во Република Македонија.

Ви благодарам.

 

 

 

Последни вести