fbpx

Шекеринска: Секоја фирма ќе мора да го објави сопственикот, крај за рајските шеми

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

-Во Македонија може да се живее подобро и поинаку. Имаме квалитетена Програма којашто нуди подобар живот за сите граѓани. Имаме добри луѓе и добри кадри кои ги носат промените и кои ќе се изборат со криминалот што малата група луѓе од власта со години го создавала. Со овие зборови заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска ги поздрави граѓаните на Крива Паланка кои во голем број присуствуваа на трибината посветена на мерките во Програмата на СДСМ.

Во придружба на Шекеринска беа и претседателите на комисиите за труд и социјална политика, за информатичко општество и администрација и за одбрана, Мила Царовска, Цветанка Иванова и Максим Димитриевски и општинското раководство на СДСМ во Крива Паланка.

-За странските инвестиции слушаме дека се даваат многу пари, на таа тема работат 3-ца или 4-ца министри и многу државни службеници, ама како што гледаме и во Крива Паланка изостануваат резултатите, ги нема работните места. И оние малку што се отвораат, се многу лошо платени. Нашиот фокус е, наместо да им помага оваа наша сиромашна држава на богатите странски фирми, да дадеме помош и вистинска поддршка на домашите фирми. За таа цел, предвидуваме вкупна финансиска инјекција за домашните фирми од 140 милиони евра, за целиот мандат, ако предвидуваат нови инвестиции и отворање нови работни места, рече Шекеринска.

На трибината се говореше за криминалите и корупцијата што власта на Груевски ги прави цели 10 години и преку коишто владее, за штетите врз граѓаните од таквите политики, како и за начинот на којшто ќе се справи со овие состојби новата одговорна Влада.

-Преку оф-шор компании власта ја превзеде контролата на многу фукнционални фирми во државата. Во економијата во Македонија влегоа разни фирми регистрирани по швајцарски, панамски, сејшелски острови. Секоја фирма е добредојдена, ама оние што го кријат својот газда, пред идната одговорна власт и пред граѓаните на Р.Македонија ќе мора да покажат – кои се и што се. Чесните фирми и граѓани нема од што да се плашат, но оние од власта, коишто земале провизија од 16, 18, 36 милиони евра има од што да се плашат, порача Шекеринска.

Граѓаните зборуваа за затворањето на рудникот Тораница, чиј инвеститор замина, како и за нереализираната инвестиција Веибо и прашуваа како СДСМ ќе ги заштити правата на работниците.

Претседателката на Комисијата за труд и социјална полтикика, Царовска објасни дека СДСМ во новата Програма предвидува целосна заштита на правата на работниците, а една од мерките е Регистар на прекувремени работни часови во УЈП, преку којшто ќе се води евиденција за прекувреме одработени часови што работавачите ќе мора да им ги исплатат на работниците.

Претседателот на Комисијата за одбрана, Максим Димитриевски рече дека СДСМ планира да донесе закон за конфискација на секој имот стекнат на криминален и корупциски начин, со што парите ќе се вратат кај граѓаните.

Претседателката на Комисијата за информатичко општество и администрација, Иванова додаде дека СДСМ ќе обезбеди професионални државни институции што ќе ги штитат интересите на граѓаните и ќе работата во служба на граѓаните.

-СДСМ се обврзува на целосна транспарентност. Меѓу мерките за одговорно владеење се предвидува јавен обвинител кој ќе биде именуван од страна на опозицијата, со цел никогаш да не се повтори криминалното владеење на актуелната власт, соопшти заменик претседателката Радмила Шекеринска на трибината со граѓаните во Крива Паланка посветена на Програмата на СДСМ, којашто гарантира сигурна и стабилна иднина на граѓаните и на Р.Македонија.

 

Скопје, 05.04.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА

 

 

Последни вести