Филипче: Што треба уште да се случи за Панче Тошковски да си поднесе оставка?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Што уште треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка?, праша претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Телевизија 21 во емисијата „Клик Плус“, посочувајќи низа скандали и безбедносни пропусти кои се случуваат, со човечки жртви, без никаква политичка одговорност.

Филипче истакна дека во нормални демократии, по серија безбедносни пропусти и трагедии, одговорните функционери поднесуваат оставка, но во Македонија тоа не се случува.

„После пожарот во Кочани во којшто се обидуваа да ги сокријат полициските функционери, после сериски убијци коишто се шетаат слободно низ државата, после убиството, трагичното самоубиство, што се случуваат на секое ниво, после шверц на дрога пет тони преку граница никаква одговорност ниту од министерот за внатрешни работи ниту премиерот. За какви луѓе станува збор, за луѓе коишто што им се смееја во лице. Вратете ја снимката за време на анкетната комисија за Кочани, им се смееја во лице на родителите додека збореа додека плачеа и бараа помош. Е со такви луѓе имаме ние работа.“ рече Филипче.

Тој потенцираше дека во јавноста се отвораат сериозни прашања за безбедносниот систем и за улогата на МВР во повеќе случаи.

„Како ќе се објасни шверцот на дрога преку граница? Не може да се пренесе дрога без знаење на државата. Каде биле службите, каде биле царинските служби, каде било Министерството за внатрешни работи? Се прошетала дрогата низ источна Македонија и се пренела во Србија“, истакна Филипче.

Ваквите случаи укажуваат на сериозни слабости и нефункционалност на институциите кои треба да ја гарантираат безбедноста на граѓаните.

Претседателот на СДСМ оцени дека наместо да понесат одговорност за серијата безбедносни пропусти, власта води кампања на дефокус со клевети и напади.

„Сè што прави ВМРО-ДПМНЕ е лажна кампања, клевети и обиди за дискредитација – приказни за згради во Дубаи, измислици и лични напади. Тоа е само обид за дефокус од главните прашања на кои немаат одговор“, истакна Филипче.