Соопштение за јавност
Владата предводена од СДСМ продолжува со мерки што значат уште поодговорно управување со јавните финансии и уште поголем степен на транспарентност на државните функционери.
На предлог на Кабинетот на заменик претседателот задолжен за борба против корупција, за човечки ресурси и одржлив развој, Владата ја усвои Одлуката со која се ограничуваат средствата за угостителски услуги за лица именувани од Владата.
Целта на одлуката е таа да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок.
Со оваа Одлука опфатени се Претседателот на Владата, замениците претседатели на Владата, министрите, замениците министри, генералeн секретар на Владата, заменик на генералниот секретар, државни секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.
Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал.
Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци, а во случај на пречекорување на дозволените ограничувања за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ.
На овој начин ги намалуваме ризиците за лошо управување, злоупотреба на моќта и положбата, злоупотребата на довербата на граѓаните, но и намалување на системската корупција.
Во насока на зголемена транспарентност, државните органи се обврзуваат остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на официјалните веб страници на институциите.
СДСМ останува силно посветена на реализација на заложбите за унапредување на фискалната транпарентност, отчетност на институциите и одговорно и домаќинско управување со јавните финансии.