Соопштение за јавност
Целосно укинување на партиципацијата за јавното здравство, со што здравството станува целосно бесплатно – ова беше една од главните пораки упатени од претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, пред присутните граѓани на митингот што се одржа вечерва во Скопје. Ковачевски ги потсети граѓаните и на КОВИД пандемијата и како владата успеа и покрај сите пречки, да се справи и со финансиско енергетската криза која го зафати светот веднаш по Коронавирусот.
„Изминативе седум години се соочивме со многу предизвици. Се боревме со сите кризи, со пандемијата, со инфлацијата, со енергетските проблеми!
Имавме подеми и падови. Но, она што е најважно, е што во ниту еден момент, не се предадовме, не се повлековме, во ниту еден момент не баравме оправдувања или виновници,“ изјави Ковачевски и додаде дека одговорно и посветено влегле во борбата за достоинствен живот на граѓаните и решавањето на нивните големи проблеми.
Медицинските лица во најтешките денови од пандемијата беа во првите редови на одбраната од Коронавирусот и тие заслужуваат нивната иднина и среќа да си ја бараат дома, во Македонија.
„Нашиот капитал, знаењето на докторите, не смееме да го извезуваме и мораме да го задржиме дома. Затоа, платите на медицинскиот персонал ќе растат драстично, затоа што потребни нѝ се нашите доктори, специјалисти и медицински сестри“, додаде претседателот Ковачевски.
Наредната влада на СДСМ програмски се обврзува да ги покачи платите на медицинските лица, со што примањата на докторите специјалисти ќе достигнат 180.000 денари, на општите лекари до 120.000 денари и на медицинските сестри до 90.000 денари.