Соопштение за јавност
Костадиновска – Стојчевска : До каде е Националната стратегија за македонски јазик?
Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска – Стојчевска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој не беше присутен, во врска со Законот за употреба на македонскиот јазик, неговата измена со која сега се прави уназадување како и незаинтересираноста за министерот заштита на македонскиот јазик.
Во продолжение интегрален текст на прашањето
Законот за употреба на македонскиот јазик е донесен на 26 јануари 2024 година, беше поздравен како суштински исчекор во заштитата, унапредувањето и промоцијата на македонскиот стандарден јазик.
Овој закон, кој предвидува обврска за задолжително лекторирање на документи, образовни и медиумски содржини и вработување лектори во институциите воведува и Инспекторат како клучен механизам за надзор и контрола на примената на овој закон.
Пред нецела недела, во собранието добивме предлог за изменување на законот за употреба на македонскиот јазик, со кој, најлаички кажано, се уназадува статусот на инспекторатот за македонски јазик, институција која не само што беше барана од сите засегнати страни да се формира, туку беше една од главните придобивки од овој закон.
Денес сакав да поставам прашање до министерот за култура, затоа што незаинтересираноста за имплементирање на овој закон навистина загрижува.
Да бидам појасна, инспекторатот за македонски јазик, кој требаше да е засебна единка, посебно правно лице со посебна буџетска сметка, сега станува оддел, сектор во министерството за култура и туризам со директор.
Засебноста на овој инспекторат ја гарантираше независноста, ингеренциите на истиот и начинот на делување.
Нивото на унапредување на заштитата која со овој закон се овозможи на македонскиот јазик, беше крунисано со овој инспекторат.
Наместо тоа, добивме директорка на инспекторатот која не може да функционира затоа што на министре му поминаа сите рокови за усогласување со овој закон и затоа што не се избори овој значаен инспекторат да ја задржи својата позиција.
Ниту една одредба од овој закон не се почитува, па не можеме да бидеме удостоени со присуство на министерот за да добиеме одговори. Затоа прашувам
До каде е Националната стратегија за македонски јазик?
Зошто Министерството за култура не го објавува Регистарот на лектори на својата веб-страница, како што тоа е предвидено во член 19 став (2) од законот?