Соопштение за јавност
Со ребалансот на Буџетот Владата крати кај младите, социјално-ранливите граѓаните и кај стопанството, но не и кај сопствениот луксуз, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека ребалансот открива сериозни пропусти во планирањето на средствата за социјалната заштита и дека и покрај планираните средства, тие нема да бидат доволни за исполнување на законските обврски до крајот на годината.
„Има додадено пари кај надоместоци и права од социјална заштита, 2 милијарди денари, заради лошата проекција на основниот буџет. Ама овие пари не се доволни за до крајот на годинава. Ќе фалат уште 3 милијарди да се сервисираат сите обврски. Тоа значи дека оваа година ќе нема покачување на поддршката за социјално ранливите категории.Кај заштитните друштва кои вработуваат инвалиди има додадено 300 милиони денари, ама фалат уште 500-тини милиони денари да се покријат сите трошоци. Последната исплата е за јули 2025 година, значи овие 300 милиони денари што се додадени, ќе треба само да се исплати 2025 година, за 2026-та нема ниту денар“, рече Филипче.
Тој предупреди дека Владата нема обезбедено доволно средства ниту за редовна исплата на пензиите.
„Кај пензиите, парите што се исплаќаат од МТСП кон ПИОМ не се зголемени, а фалат 10 милијарди денари за до крај на годината. Значи, исплатата на пензиите е практично доведена во прашање“, рече Филипче.
Дополнително, Филипче посочи наместо Владата да инвестира во младите и иднината на државата, со ребаланост ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој.
„Во Програмата за млади, наместо парите да се зголемуваат, Владата ги намалува средствата за 1 милион денари. Младите, науката, иновациите, дигитализацијата, зелените политики, исто како и поддршката на бизнисот, остануваат на маргините. Едноставно нема никаква поддршка“, рече Филипче.
Притоа, Филипче потенцираше дека со ребалансот се намалува поддршката за стопанството, кое треба да биде двигател на економскиот раст и главен извор на приходи во Буџетот.
„Бизнисот е повторно оставен на маргините. Во програмата Д-9, „Финансиска поддршка на инвестиции“, се намалуваат парите. Од 1,23 милијарди на 1,03 милијарди денари, значи 200 милиони денари помалку. Во програмата „Економски развој“, од 8 на 7,3 милијарди денари, значи 661 милион денари помалку. Нема поддршка за стопанството кое што треба да го храни и да го полни Буџетот“, рече Филипче.
Во исто време, како што нагласи Филипче, Владата не се откажува од сопствениот комфор и непродуктивното трошење.
„Но, истовремено, Владата не се откажува од сопствениот комфорт. Тврдат дека штедат, а кратењето кај стоки и услуги е симболично, едвај и 0,1%. Значи, додека економијата назадува, не расте, се зголемуваат долговите, платите остануваат исти, нема никаков значаен раст, но луксузот на Владата останува практично недопрен. Нема сериозно кратење на непродуктивни трошоци, нема вистинска рационализација и нема реформи. А граѓаните плаќаат сè поголеми сметки, сè поскапа храна, едноставно трошоците за живот се сè поголеми“, рече Филипче.



