ВМРО и Мицкоски се тие што се плашат од изборниот резултат и затоа очајнички посегнуваат по изборен грабеж преку неконтролирано електронско гласање на дијаспората.
Свесни дека губат гласови и поддршка кај граѓаните, сега се обидуваат изгубените гласови во државата да ги надоместат преку систем без доволни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето.
Затоа ВМРО насилно и на шверцерски начин се обидува да го протурка електронското гласање на дијаспората, иако треба да почне да се применува дури во 2029 година.
Нема никаква причина за вакво брзање, освен намерата однапред да се отвори простор за изборни манипулации.
Сѐ друго се само изговори и манипулации. Наместо аргументи, ВМРО бега од одговор на клучните прашања – зошто инсистира на електронско гласање без соодветни гаранции, зошто граѓаните во дијаспората ги става во ризик од сомнежи за злоупотреби и зошто воведува двојни аршини за гласањето.
Додека секој граѓанин што гласа во Македонија поминува низ строга процедура за идентификација, Мицкоски сака за околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората да важат поинакви правила, без гаранција дека гласот е даден лично, слободно и тајно, што отвора простор за притисоци, злоупотреба на идентитетот и изборни манипулации.
Дополнително, со ова решение ВМРО целосно го менува концептот на гласање во државата и директно ја нарушува еднаквоста и сигурноста на изборниот процес.
Позициите на СДСМ за Изборниот законик се принципиелни и јасни – нема да прифатиме решенија што отвораат простор за изборни манипулации и изборен грабеж.



