Филипче: Контрола од Европското обвинителство на Ковеши за вистинска борба против корупцијата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата Клик Плус на ТВ 21 кажа дека вистинска борба против корупцијата може да има само со реформи во правосудниот систем и со вклучување на европските правосудни институции.

„Немањето реформа во правосудниот систем, тоа што ништо не се спроведува од реформската агенда и нема чекор напред кон Европската Унија, меѓу другото е резултат на тоа што не сакаат вистинска реформа. Вистинска правда ќе има не со ваква партизација, туку тогаш кога ќе дојдат европските правосудни институции, на чело со европското обвинителство и обвинителката Лаура Ковеши, за која гледаме какви постапки води кон официјални лица во земјите членки на Европската Унија, еве најсвежите во Хрватска, во Бугарија итн. Тоа нашите луѓе сакаат да го видат“, истакна Филипче.

Тој посочи дека суштината не е во поставување странци на чело на институциите, туку во вистински реформи во системот кои ќе обезбедат независно правосудство и доверба во институциите.

„Сметам дека на партиско судство не може да му се верува, а сега се поставени партиски луѓе. Кого ќе слуша уставниот судија? Ајде кажете, дали ќе го почитува правото или ќе се консултира со премиерот. Тоа е главното прашање“, рече Филипче.

Филипче додаде дека токму затоа се неопходни вистински реформи во правосудниот систем и присуство на европските правосудни институции.

„Јас не заговарам странци, јас заговарам да има реформа во системот и да има присутни европски институции. Реформите во правосудството ќе донесат тука да бидат присутни и европските правосудни органи“, порача Филипче.